Bekim Laci
27 Декември 2017•Ажурирај: 28 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Македонија денес го презентираше финализираниот План за економски развој кој го усвои на една владина седница, јавува Anadolu Agency (AA).
На презентацијата на Планот за економски развој, премиерот Зоран Заев, истакна дека тоа претставува еден нов концепт, кој во текот на изминатите три месеци е на располагање на јавноста за предлози, при што се прифатени и некои од предлозите на експертите.
Заев нагласи дека по завршувањето на процедурата во април следната година, компаниите ќе можат да аплицираат за мерките за олеснување, и додаде дека 2018 година ќе биде еден почеток на финансиската стабилност и на економскиот развој кој ќе резултира со подобра благосостјба на граѓаните.
„Со буџетот за 2018 година определивме 3,1 милијарда денари, односно околу 50 милиони евра за програмата за економски развој на нашата земја. Тоа претставува 46 проценти повеќе средства за таа намена во однос на 2017 година. Дополнително уште една милијарда денари се определени за активните мерки за вработување. Со мерките за поддршка и развој на бизнисот и поттикнување на конкурентноста, утврдени во планот за економски раст, планираме да ја раздвижиме економската инвестициона активност“, рече Заев истакнувајќи дека целта е создавање на здрави и конкурентни компании на пазарот кои ќе донесат економски раст.
Премиерот Зоран Заев пренесе дека Планот за економски развој е поделен на три столбови, создавајќи еднакви услови за инвеститорите од земјата како и за странските инвеститори.
Меѓу приоритетите на првиот столб е поддршката за отварање на нови работни места, стимулирајќи го работодавачот со 20 отсто од платата на вработениот, ако таа е 50 отсто повисока од просечната плата во земјата.
Вториот столб вклучува мерки за поддршка на конкурентноста, каде што се нагласува доделувањето на неповратните финансиски средства за тие компании кои ќе ја зголемат конкурентноста на нови пазари.
Третиот столб, според владата, вклучува поддршка за малите и средни претпријатија со тенденција на раст, доделувајќи финансиска поддршка за технолошки развој на компаниите преку покривање до 30 отсто од директните трошоци во инвестициски проекти, како и обучувајќи ги младите вработени.
Од друга страна, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, на презентацијата на прогрмата истакна дека тоа претставува една нова епоха во работата на владата на економски план, бидејќи е транспарентна со многу јасни критериуми кои треба да се исполнат од страна на компаниите.
„Оваа програма за првпат македонските компании ги изедначува со странските компании и мислам дека за првпат во Република Македонија македонските компании ќе бидат поддржани апсолутно под истите критериуми како и сите директни странски инвестиции. Но, притоа сакам да кажам дека оваа програма директните странски инвестиции уште подобро ги поддржува од сѐ што беше досега направено во Република Македонија“, истакна Анѓушев.
Олеснителните мерки на Владата ќе можат да ги користат оние компании кои во 2017 година имале повисоки приходи во однос на изминатите три години, како и бројот на вработените да не биде помал од изминатите три години.