Ivana Ramadanova
28 Декември 2017•Ажурирај: 29 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска во Владата одржа прес-конференција преку која ја запозна јавноста за некои од приоритетните проекти, кои во наредниот период ресорното министерство ќе ги иницира, а воедно ги претстави и идните планови, динамиката со која се очекува да се спроведат сите проекти, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Филипче смета дека министерството има капацитет и мора здравствениот систем којшто функционира сега, и е на работ на издржливост, да биде трансформиран во модерен европски здравствен капацитет.
„Еден од клучните проекти ќе биде надградување на електронскиот систем којшто сега постои во форма на 'Мој термин' како систем за закажување на термини без хартија и за закажувања на различни испитувања, снимања итн. Целта ни е да го подобриме квалитетот на здравствената услуга и да формираме еден интегриран здравствен систем“, рече министерот за здравство.
Според министерот, втора приоритетна работа на министерството ќе биде лекувањето во странство, кое денeс е многу актуелно и често прашање во Македонија.
„Наша цел ќе биде да ја зголемиме експертизата на домашните лекари, посебно во делот којшто сега не се работи кај нас. Значи, ќе инсистираме да се едуцираат во тие струки, дејности и да почнат да ги нудат тие сервиси за коишто во моментот плаќаме огромни средства за лекување во странство“, истакна Филипче.
Трета приоритетна работа, според министерот, ќе бидат лековите за ретките болести.
„Можам да ви кажам дека лекови во моментот има, дека во 2018 година треба да се распише тендерот за следната година и дека планираме да преземеме чекори за овој систем на снабдување со лекови да се подобри. Во активни преговори сме со Министерството за финансии за да го видиме начинот на којшто може да се зголеми буџетот на средства којшто е предвиден за тие лекови и уште поважно е тоа што веќе почнавме да работиме за подобрувањето на законската регулатива, и сите постапки што се врзани со набавување на тие лекови со цел спречување во иднина каков било ризик од дефицит на лекови“, изјави министерот.
Филипче на денешната прес-конференција информираше дека ресорното министерство интензивно ќе работи во делот на бесплатното болничко лекување на ранливите категории граѓани, односно Ромите корисници на социјалната помош, истакнувајќи дека тоа е мерка којашто неодамна ја најави и претседателот на Владата, Зоран Заев.
Во буџетот за следната година, како што рече министерот, се предвидени средства за градежно завршување на болниците во Штип, Струмица и во Охрид, ќе бидат распишани тендери за опремување на истите, а ќе се заврши и болницата во Бардовци и бункерот во болницата 8-ми Септември.
Околу прашањето како да се задржат лекарите во земјата, министерот најави дека ќе им бидат понудени подобри опции за едукација, преку соработка со познати универзитетски центри од Европа, а ќе биде обезбедено и покачување на платите од 5 проценти во втората половина на 2018 година, како и зголемување на надоместокот за дежурствата за сите доктори во Клиничкиот центар и во сите болници во државата.