Ahmet Dursun
15 Август 2023•Ажурирај: 16 Август 2023
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот министер за нафта, Џавад Овџи, изјави дека дневното производство на нафта во Иран достигнало 3,19 милиони барели, пренесува Анадолу.
Во обраќањето на настан во главниот град Техеран, министерот Овџи укажа на важноста на енергетската безбедност, објави новинската агенција ШАНА.
Истакнувајќи дека нафтата има најголем удел во производството на енергија во Иран, Овџи рече дека актуелната Влада со поддршка од Парламентот подготвила планови за зголемување на производството на нафта и гас.
Тој наведе дека овие планови веќе се спроведуваат во практика.
„Производството на нафта во Иран достигна 3,19 милиони барели дневно. Нашиот производствен капацитет моментно е 3,85 милиони барели дневно“, рече тој.
Иранскиот министер посочи дека дневното производство на природен гас во земјата изнесува една милијарда кубни метри.
По повлекувањето на тогашниот американски претседател Доналд Трамп од нуклеарниот договор во 2018 година, САД ги зголемија економските санкции кон Иран и ја ограничија продажбата на иранска нафта.
Според податоците на иранското Министерство за нафта, Техеран, кој во април 2018 година дневно произведуваше 3,8 милиони барели сурова нафта и кондензати пред САД да се повлечат од нуклеарниот договор, извезуваше 2,8 милиони барели.