Şenhan Bolelli
17 Октомври 2017•Ажурирај: 18 Октомври 2017
МАДРИД (АА) - Кризата во Каталонија, која стана актуелна поради иницијативата за независност, започна негативно да влијае врз шпанската економија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот поднесен до Европската Унија (ЕУ) во врска со буџетскиот план за 2018 година, шпанската Влада беше принудена да ги намали предвидените стапки за економски раст. Според веста на шпанската новинска агенција „EFE“ (ЕФЕ), шпанската Влада ги намали проекциите за економски раст за 2018 година од 2,6 на 2,3 отсто, поради каталонската криза.
Во веста, исто така, се наведува дека владата очекува застој во намалувањето на стапката на невработеност и во создавањето работни места. Исто така, се истакнува дека внатрешната побарувачка, која се смета за главен двигател на Шпанија за излегување од кризата, ќе доживее сериозен застој во 2018 година. Очекувањата за раст во внатрешната побарувачка за 2018 година ќе се намалат од 2,4 на 1,8 отсто.
Од друга страна, шпанската Влада соопшти дека буџетскиот дефицит ќе биде 3,1 отсто од бруто домашниот производ кон крајот на 2017, и 2,3 отсто во 2018 година.