Ayhan Şimşek
11 Февруари 2025•Ажурирај: 12 Февруари 2025
БЕРЛИН (АА) – Германскиот канцелар Олаф Шолц денес предупреди дека Европската Унија ќе одговори заеднички доколку претседателот на САД, Доналд Трамп, ги спроведе своите планови за воведување царини на европските производи, јавува Анадолу.
Во обраќањето пред пратениците во германскиот Парламент, Шолц ги критикуваше заканите на Трамп за воведување царини на европските производи, со фокус на челикот и алуминиумот.
„Доколку САД не ни остават друг избор, тогаш земјите членки на Европската Унија ќе реагираат заедно. Како најголем пазар во светот со 450 милиони граѓани, имаме сила да го направиме тоа“, изјави Шолц.
Канцеларот изрази надеж дека американската администрација ќе го смени својот став и ќе избегне ескалација на трговскиот конфликт.
„Трговските војни секогаш влијаат на просперитетот на двете страни“, изјави тој и истакна дека германската Влада презема чекори за да ги поддржи германските бизниси низ тешките времиња што претстојат.
Шолц истакна дека дури и без трговска војна, силната конкуренција од САД, Кина и други земји во развој продолжува да врши огромен притисок врз германската економија.
Во понеделникот претседателот Трамп објави дека САД ќе воведат 25 отсто царина на увозот на челик и алуминиум без исклучоци. Оваа мерка ќе ги погоди увозниците од многу земји, а особено главните трговски партнери како Канада, Мексико и европските нации, кои се значајни набавувачи на метали за американскиот пазар.