Mehmet Fatih Erdoğdu
02 Декември 2021•Ажурирај: 06 Декември 2021
ИСТАНБУЛ
Исто како што 1 октомври е „Светски ден на кафето“, Турција сака да го направи 5 декември „Светски ден на турското кафе“, така што тој ден, луѓето на „Тајмс сквер“ во Њујорк ќе имаат можност да го вкусат овој традиционален турски пијалак, изјави турски бизнисмен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мурат Колбаши, претседател на Електрични апарати за домаќинство „Арзум“ и член на Одборот на директори на Турската асоцијација за култура и истражување на кафето, за АА изјави дека компаниите за кафе во зрно, го препознаваат турското кафе.
Колбаши рече дека зрната кафе може да се одгледуваат само во жешките земји на Екваторот, но 80 отсто од овој бизнис се одвива низ светот. Тој објасни дека земјите како Швајцарија, Германија, Холандија и САД вршат преработка, продажба и сервирање на кафе.
Истакнувајќи дека работат на тоа да го направат 5 декември „Светски ден на турското кафе“, Колбаши рече дека турското кафе заслужува посебен ден, исто како Светскиот ден на кафето на 1 октомври.
„Би сакале да овозможиме турското кафе да биде дегустирано на „Тајмс сквер“ од секого што ќе биде во Њујорк на 5 декември. Тоа го правевме на друг датум претходно, но сега 5 декември е многу важен за нас. Овој проект се разви оваа година. Ние сме многу цврсто подготвени“, рече тој.
- „Нарачајте турско кафе во кафулињата и рестораните во странство“
„Му велам на секој турски граѓанин кој оди во странство: ’Дури и да не видите турско кафе на менито во кафуле или ресторан, побарајте го, турското кафе ќе се најде на тоа мени некако‘.“
„Ова е национална свест. За да го направиме ова, мора упорно да бараме турско кафе во странство“, вели Колбаши.
„Имаме компании кои прават многу добро турско кафе, шолји и машини. Ајде заедно да го добиеме турско кафе насекаде низ светот. Сакаме да го прошириме нашето кафе со гатањето, бидејќи гатачката култура е широкораспространета во странство. Тоа привлекува големо внимание“, рече тој.
Осврнувајќи се на причината зошто турското кафе не е толку често распространето како еспресото, Колбаши изјави: „Станува збор за доцниот почеток на методот на електрично греење. Способноста на електричните апарати да загреваат вода и брзо да прават кафе или чај датира од 1890-тите, со појавата на првиот котел... Првата машина за кафе со филтер во 1920-тите, еспресо во 1940-тите... Тоа е случај и во 2000-тите. До 2002 година беше многу тешко да се направи турско кафе со електричен производ кој е различен од шпорет.“
„Сѐ уште, турското кафе се разликува од механичките навиките на пиење кафе во кафулињата низ светот“, додаде тој.
- „Десет отсто од кафето консумирано во светот се консумира во форма на турско кафе“
Истакнувајќи дека станало многу лесно да се направи турско кафе во странство, тој рече дека денес 15 турски бренда и 5 меѓународни бренда произведуваат машини за турско кафе.
„Според нашето истражување, 10 отсто од кафето консумирано во светот се консумира во форма на турско кафе“, изјави Колбаши.
„Во 2008 година ја основавме Турската асоцијација за култура и истражување на кафето. Се обидовме да ги потсетиме луѓето за свеста за турското кафе кај нас, а потоа аплициравме во УНЕСКО. За првпат во историјата, УНЕСКО регистрира течен пијалак како „нематеријално културно наследство“ на 5 декември 2013 година во главниот град на Азербејџан, Баку“, изјави Колбаши.
„Грција и Италија се противеа додека тоа се правеше таму. Италија ни рече: ’Дојдовте со такво досие на кое ако се спротивставиме, ќе ни го земете еспресото‘“, додаде тој.
„Имаме средства како турско кафе и локум кои пред себе имаат турско име и се многу познати во светот“, вели тој.
„Соработката на секоја компанија која стана бренд во светот со културата во земјата каде што се наоѓа, дава значителни придобивки во однос на перцепцијата. Културата и брендот се развиваат заедно.“
„Никој не треба да се откаже од другите кафиња, но да му го дадеме на турското кафе местото што го заслужува. Затоа што зад фактот дека денес може да се пијат други кафиња, стои 600-годишна историја на турското кафе“, изјави Колбаши.