Davit Kachkachishvili
29 Септември 2021•Ажурирај: 30 Септември 2021
ТБИЛИСИ (АА) - ДАВИТ КАЧКАЧШБИЛИ -
Хеликоптер од типот „Ми-24“, кој 28 години стои на гробот на полковникот на воздухопловните сили, пилотот Јимшер Маусурадзе, кој го загуби животот како резултат на ракетен напад за време на 13-месечната војна во Абхазија, Грузија, во 1992 година, привлекува голем интерес, пишува Агенција Анадолија (АА).
На гробот, кој се наоѓа во селото Гиоргети, општина Лагодеки, во регионот Какети, Грузија, стои хеликоптер од 9 тони.
Хеликоптерот, кој со години го посетуваат локални и странски туристи и претставници на медиуми, на гробот на полковникот Маусурадзе, го донесоа неговите пријатели во 1993 година, кратко време по неговата смрт.
Маусурадзе, кој постхумно беше награден со Медал од прв степен „Вахтанг Горгосали“ од тогашниот претседател Едуард Шеварнадзе влезе во историјата со прекарот „Првиот пилот херој на независна Грузија“.
Димитри Маусурадзе, братот на Јимшер Маусурадзе, во репортажата за дописникот на АА се осврна на животот на пилотот, смртта и донесувањето на борбениот хеликоптер до гробот.

Истакнувајќи дека неговиот брат Јимшер е роден на 2 февруари 1949 година, во времето на Советскиот Сојуз, Маусурадзе рече: „Јимшер сонуваше да стане пилот уште од детството. По завршувањето на основното училиште, тој се запиша на училиште за пилоти во Русија за да го оствари својот сон.“
Маусурадзе рече дека Јимшер се вратил во својата земја кон крајот на 1980-тите и продолжил да работи како пилот: „Јимшер учествуваше во формирањето на воздушните одбранбени сили на земјата во раните 1990-ти години, кога Грузија повторно ја врати својата независност.“
Наведувајќи дека неговиот брат подоцна служел како борбен пилот во грузиската војска во војната во Абхазија 1992 - 1993 година, Маусурадзе додаде: „Јимшер, исто така, изврши спасувачки летови за време на војната. Тие спасија животи на многу луѓе. Јимшер замина во мисија, леташе на 26 декември 1992 година, и неговиот хеликоптер беше соборен.“
Тој посочи дека по неговата смрт, со одлука на претседателот Едуард Шеварнадзе и Парламентот, Јимшер беше награден со Медал за прв степен „Вахтанг Горгосали“ и влезе во историјата како „Првиот пилот херој на независна Грузија. „Не е можно да се избројат неговите херојства и луѓето што ги спаси со реализираните летови за помош.“
- Го спаси животот на Шеварнадзе -
Mаисурадзе, истакнувајќи дека за време на војната во Абхазија во хеликоптерот што го користел Јимшер се наоѓал и претседателот Шеварнадзе, рече дека тие избегнале напад во последен момент со ненадејниот маневар на пилотот.
Шеварнадзе, во изјава за медиумите за нападот рече: „Новиот хеликоптер Ми-24 полета од Гагра [град во регионот Абхазија] и планираше да помине под нашиот хеликоптер. Меѓутоа, пилотот на нашиот хеликоптер веднаш ја сфати опасноста и почна да се крева што е можно повисоко. Кога непријателскиот пилот го направи маневарот, ние веќе се искачивме над критичната височина. Маисурадзе беше вистински херој, но за жал, го загуби животот во оваа битка.“

- Борбениот хеликоптер „Ми-24“ на гробот -
Mаисурадзе рече дека по смртта на Јимшер во војната, неговите пријатели пилоти во неговиот гроб донеле хеликоптер „Ми-24“, сличен на неговиот хеликоптер. „Осум месеци по смртта на мојот брат, неговите пријатели го донесоа хеликоптерот до неговиот гроб. Пријателите кои се бореа со него го поставија хеликоптерот овде за да ја покажат својата почит кон Јимшер. Тој го заслужи тоа, беше достоен за овој хеликоптер.“
Маисурадзе истакна дека многу луѓе и од земјата и од странство дошле да го посетат гробот на неговиот брат.
- Прашањето за Абхазија и Јужна Осетија -
Во 1992-1993 година имаше 13-месечна војна помеѓу Грузиската армија и сепаратистите на Абхазија поддржани од Русија.
Во 2008 година избувна конфликтот меѓу Русија и Грузија, познат како Војна во Јужна Осетија. По војната, регионите Абхазија и Јужна Осетија, поддржани од Русија, еднострано прогласија независност од Грузија.
Русија ја призна таканаречената независност на овие два региони во 2008 година. Како одговор, Грузија ги прекина дипломатските односи со Русија. По прекинот на дипломатските односи меѓу двете земји, Швајцарија ја презеде улогата на посредник.