Sanja Janackovic
27 Април 2019•Ажурирај: 29 Април 2019
НИШ (АА) - Јелена Минарди од Ниш, која може да се пофали со походи на Монблан, Елбрус, Гран Парадизо и уште многу планински врвови, наполни 100 години. Оваа најстара планинарка во регионот, со екипата на Anadolu Agency (AA) подели роденденска торта и совети за долг живот.
„Имам единица и две нули - 100 години“, вели низ смеа Јелена.
Векот на нејзиниот живот е полн со различни искуства и добро се сеќава дури и на нејзиното рано детство. До детали се опишува себеси во прво одделение, но сведочи и за тешките времиња во нејзината младост.

„Кога планината би знаела да ни каже што преживеала, а јас да ѝ кажам што јас сум преживеала во младите години. Имав 22 години кога беше окупацијата, четири години, немате што да јадете, немате што да облечете“, раскажува Јелена.
„По војната работев како учителка во основно училиште, потоа водев извидници, кога и го запознав тогашното Друштво на планинари.“
„Тогаш се запишав во Друштвото, заедно со мојот сопруг и нашиот син. Од тој ден сум планинарка. Мојата прва планина беше Фрушка Гора, беше маратон. Оттогаш до денес не престанав“, вели Јелена.
Под нејзините нозе, во друштво на нејзиниот сопруг, а често и на синот, започнаа да паѓаат врвовите - Монблан, Елбрус, Гран Сасо, Гран Парадизо, Матерхорн...
„Многу планини искачив. Многу. Бев во Бугарија, Германија, Италија, Словенија... Во прашање се многу планини. Не се сеќавам на сите имиња. Нашите ги поминав сите, а мојата мила планина е Радан. Таму отидов дури на 96 години и пешачев 7 километри“, зборува Јелена.
Таа е почесен член на повеќе планинарски друштва во Србија. Од нив има добиено ордени и благодарници.
„Планинарите ме сакаат. Кога одам со нив, заборавам на моите години, заборавам на болеста. А моите планинари доаѓаат и ме гушкаат, па добивам и по некој бакнеж“, гордо вели баба Јелена.
Таа ги повика младите барем повремено да бегаат од градовите, бидејќи планината, како што вели таа, прави да се чувствувате препородено.
„Главата некако ви се избиструва, страшните мисли исчезнуваат. Слушате птици, берете растенија, кантарион, мајчина душичка. Нашите млади треба да знаат да одат во планина, а не во кафулиња“, вели Јелена.
По смртта на нејзиниот сопруг, синот Слободан останал нејзин придружник на акциите. Тој има 65 години, а на планините го поминал целиот свој живот.
„Од мојата шеста година почнав да планинарам со моите родители. Мојот татко имаше еден ранец кој го носеше на грбот, кој беше специјално купен од Италија. Тој ме ставаше во ранецот и така ме носеше до самиот врв на планината. Кога бевме на Триглав, на 2.800 метри, сите се чудеа како сум стигнал таму како најмлад учесник“, се присетува Слободан.
Тој вели дека денес тој и неговата мајка се „маскотите на планинарските друштва“.
„Сите се чудат што мајка ми во тие години пешачи со мене. Ме прашуваат дали нејзе тоа ѝ е здодевно,а јас велам дека тоа ѝ претставува задоволство, кога оди со помош на стап“, вели Слободан.
Двајцата веруваат дека токму планинарењето ѝ помогнало на Јелена да стигне до 100-тата година, бидејќи, како што велат, организмот на надморска височина над 1.000 метри се прочистува и обновува.
Јелена повеќе не шета по стрмни планински патеки, но сѐ уште пешачи низ природата, барем по два до три километри. Роденденот по прослави во друштво на другите планинари, бидејќи во нејзина чест тие приредиле излет кај Нишка Бања.