Anıl Kuru
29 Април 2019•Ажурирај: 30 Април 2019
КОЊА (АА) – АНИЛ КУРУ –
Историскиот пазар Мелике Хатун во Коња, Турција, главниот град на Селџуците, познат и како „Женски пазар“, кој се наоѓа во центарот и е најфреквентното место во градот, сè уште ја одржува својата виталност од минатиот век, пишува Anadolu Agency (AA).
Вековниот пазар што се наоѓа во подрачјето Централен Каратај, денес познат по името Мелике Хатун, ќерка на Хазрети Мевлана, покрај локалните вкусови на регионот како што се сирење со мувла и коњички ѓеврек, исто така е првиот избор на потрошувачите на органски производи.
Кога ќе влезете во пазарот кој мириса на свежо овошје и зеленчук, ќе ja забележите пријатната врева на продавачите кои од раните утрински часови ги чекаат муштериите.
Но, на пазарот повеќе не е можно да се видат жените кои чекаат да ги продадат производите што растат во селата и подрачјето.
Кога историскиот затворен пазар ќе се погледне од вториот и третиот кат, на посетителите им пружа една поинаква атмосфера.

- „Жените се во многу мал број или воопшто ги нема“ -
Јасин Акташ, претседателот на Комората на пазарџиите во Коња, за АА истакна дека „Женскиот пазар“ е еден од најстарите пазари во Коња, кој сè уште е активен.
Акташ, истакнувајќи дека во минатото пазарот бил место за купување само за жените кои доаѓале од различни области, наведе дека пазарот денес го сменил својот идентитет.
„И самото име кажува сè, „Женски пазар“. Сега гледаме дека, за жал, жените се во мал број или воопшто ги нема. Стана доминантно место за мажите. Би сакал да се врати на основата, повеќе жени да продаваат на пазарот. Би можеле тука да продаваат жените, кои имаат потреба од заработка или пак, жени кои сакаат да го продаваат овошјето и зеленчукот што го произведуваат во својата градина. Ако тие тргуваат тука, ние би биле многу среќни. Во минатото тука луѓето го продаваа тоа што го произведуваа во своите градини. Цреши, јаболка, домати, пиперки, сè што произведуваа. Тие беа луѓе што имаа потреба да заработуваат за живот“, истакна Акташ.
Тој вели дека пазарот поради локацијата и поради тоа што е од затворен вид во однос на трговската живост се натпреварува со останатите трговски центри.
„Денес местото е како трговски центар. Забележуваме дека во последно време се оддалечува од својот пазарен карактер. Порано луѓето тука го носеа овошјето што го сушеа во своите домови. Тука се продаваше слатко од домашно производство. Во минатото се продаваа само органски производи. Луѓето што доаѓаа со автобуси од селата Хадим и Бозкир, продаваа суво грозје, пекмез, мед, слатко. Сега стана модерно место и конкурира на трговските центри. Ова е центарот на градот. Неговата најзначајна карактеристика е тоа што се наоѓа на најфреквентното место. Оваа особина и натаму ја чува“, нагласи Акташ.

„Кога ќе се зборуваше за сирење со мувла, првото место што ти доаѓаше на ум беше историскиот пазар Мелике Хатун“, рече Акташ и додаде: „Ова е центарот на мувлосаното сирење. Во културата на Коња, ова сирење има значајна улога. Исто така се наоѓа помеѓу различни вкусови на кујната на Коња. Знаеме дека имаше побарувачка и надвор од градот“.
Тој, наведувајќи дека има потреба од повторно регулирање на пазарот, нагласи дека е потребно заживување на недоволно активните катови на пазарот.
- „Домашни и странски туристи“ -
Мехмет Каја, од трговците на пазарот, истакнувајќи дека речиси 25 години работи на пазарот, наведе дека поради одличната локација во центарот изгледа како голем трговски центар.
Тој, истакнувајќи дека пазарот се наоѓа во многу подобра позиција од другите пазари, нагласи:
Со зголемувањето на бројот на супермаркетите и на трговските центри, потребата за доаѓање на пазарот се намали. Во минатото кога ќе се споменеше за туршија, веднаш се помислуваше на „Женскиот пазар“. Особено во период на туршија, луѓето од околината доаѓаа тука за купување. Во денешно време, особено мувлосаното сирење е еден од најбараните производи на пазарот, а најмногу се продава во текот на зимата“, рече Каја.