Hasan Esen
13 Август 2016•Ажурирај: 14 Август 2016
БРИСЕЛ (АА) - Плоштадот Гранд плејс во Брисел, Белгија, во наредните неколку денови ќе го краси цветен килим од 600.000 бегонии и далии, јавува Anadolu Agency (AA).
Центарот на познатиот белгиски плоштад е украсен со килим долг 75 и широк 24 метри. Различно распоредените цветови во црвена, портокалова, виолетова, зелена и во жолта боја потсетуваат на јапонски килими, а тој е направен како симбол на 150-годишното пријателство меѓу Белгија и Јапонија.
На изработката на килимот, кој зафаќа површина од 1.800 квадратни метри, работеле 120 лица.
Амбасадорот на Јапонија во Брисел, Масафуми Ишии, изјави дека е почестен со тоа што оваа година, оваа манифестација e посветенa на јапонскиот килим. Тој додаде дека на килимот се претставени мотиви како цветови, птици, ветер, месечина и риби.
Коен Вонденбуш, кој работеше на овој проект, изјави дека тие почнале во раните утрински часови.
„Користевме 600.000 цветови на бегонија и далија. Покрај тоа, оваа година за првпат користевме лушпи обоени во различни бои. Дезенот на јапонските килими го бараше тоа. Не беше лесно, но горди сме на стореното“, изјави јапонскиот амбасадор.
Заинтересираните посетители во играта на бои и мириси на овој плоштад ќе можат да уживаат до 15 август, а за цена од пет евра килимот ќе можат да го погледнат од балконот на зградата на општината. Организаторите на настанот очекуваат десетици илјади посетители.
Цветниот килим за првпат на плоштадот Гранд плејс беше „послан“ во 1971 година, а од 1986 година, се постелува еднаш во две години. За да се создаде килимот најчесто се користи цветот бегонија од белгискиот град Гент.
Пред две години, плоштадот по повод на 50-годишнината од миграцијата на турското население во Белгија, беше украсен со тепих со дезен на турски килим.