Ivana Ramadanova
13 Август 2016•Ажурирај: 14 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Сите пунктови кои беа организирани од страна на фејсбук групата „Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје”, од денеска се стационираа во еден пункт сместен на плоштадот „Јадран” во центарот на градот, од каде што волонтери ќе ја собираат помошта и ќе ја дистрибуираат до оние на кои им е најпотребна, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите на волонтерите на терен, сите пунктови стануваат еден координиран пункт за донации за погодените од поплавите во Скопје, а самиот пункт ќе биде поставен до 22 часот.
„Веднаш по пристигнувањето на донациите, тие се селектираат во кутии и пакети, по што со помош на превозни средства се носи онаму каде што е најнеопходна. Донациите се носат од куќа во куќа, во сите поплавени региони, почнувајќи оттаму каде што е најпотребно. Затоа замолуваме за максимална поддршка за настраданите”, вели Иван Антоновски, еден од волонтерите.
Тој потенцираше дека ситуацијата на терен потврдува дека се неопходни уште многу донации.
„Најнеопходни донации се средства за дезинфекција, средства за лична хигиена, конзервирана и сува храна (храна којашто не треба да се готви или да се чува во фрижидер), храна за бебиња, пелени за бебиња, пелени за возрасни, прибор за чистење, кофи, ракавици за чистење, лопати, гумени чизми, лекови коишто се издаваат без лекарски рецепт, батериски ламби, медицински маски, хирушки ракавици”, додава Антоновски.
Еден ден по невремето и поплавите кои го зафатија Скопје и Скопскиот регион, граѓаните самоиницијативно се орагнизираа преку социјалните мрежи со цел да им помогнат на загрозените и поплавените семејства. Групата „Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје” брои околу 15 илјади членови, од кои на терен секојдневно има по 400 до 500.
Инаку во Скопје на различни локации се поставени околу 10 пунктови.