Amir Latif Arain
21 Септември 2026•Ажурирано: 21 Септември 2026
Јапонија ги засилува мерките за контрола на растечката популација на стрижибуби што ги уништуваат црешовите дрвја, објавија локалните медиуми денес, пренесува Анадолу.
Министерството за животна средина на земјата побара 6,7 милијарди јени (43 милиони долари) во почетниот буџет за следната фискална година за искоренување на црвеновратната стрижибуба и за зајакнување на мерките за заштита на дрвјата, вклучително и сливите и праските, од наезда, објави токискиот „Кјодо њуз“.
Побараниот износ е 11 пати поголем од почетниот буџет од 600 милиони јени за фискалната 2026 година.
Според Министерството, натамошното зголемување на популацијата на бубачката може да предизвика штета во земјоделството, да го отежне уживањето во гледањето на цветањето на црешите во пролет, да го зголеми ризикот од паѓање на дрвјата и да влијае врз екосистемите.
Во јули, јапонските министерства за животна средина и земјоделство формираа работна група што ќе им обезбедува техничка и финансиска поддршка на локалните власти како одговор на штетите регистрирани низ целата земја.
Стрижибубата потекнува од Кина, Корејскиот Полуостров, Тајван и Виетнам, меѓу другите места.
Видот е долг од 2,5 до 4 сантиметри, а првпат бил потврден во Јапонија во 2012 година и оттогаш е забележан во различни делови на земјата.
Во 2018 година бил прогласен за инвазивен туѓ вид, а неговото одгледување, чување, увоз, продажба или пуштање во природата се забранети.