Ekip
05 Јануари 2022•Ажурирај: 06 Јануари 2022
АНКАРА
Австралија која се бори со варијантата на коронавирусот Омикрон, денеска забележа најголем дневен број на случаи на Ковид-19, соопшти Министерството за здравство на оваа земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во последните 24 часа во Австралија се пријавени 64.767 нови случаи, а вкупниот број на случаи од почетокот на пандемијата е зголемен на 612.106, меѓу кои 2.289 смртни случаи.
Во вторникот се потврдени 47.816, а во понеделникот 37.239 нови случаи на коронавирусот.
Премиерот на Австралија, Скот Морисон, по седницата на Владата изјави дека медицинските експерти во повеќе наврати рекоа дека варијантата Омикрон е помалку сериозна, но повеќе заразна.
„Поради тоа имаме работа со многу поголем број на случаи“, изјави Морисон.
Во обид да го спречат ширењето на Омикрон, властите на Австралија ја забрзаа вакцинацијата, особено со бустер дози. Министерот за здравство, Грег Хант, соопшти дека во вторникот во Австралија биле обезбедени рекордни 176.223 бустер дози.
Австралија досега во потполност вакцинира 91,6 отсто од населението на возраст од 16 и повеќе години, додека 94,5 отсто од луѓето ја примиле првата доза на вакцината против Ковид-19.