Zehra Nur Düz
21 Април 2020•Ажурирај: 21 Април 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Бројот на починати од новиот тип коронавирус, Ковид-19, во Израел се искачи на 181. Во последните 24 часа во земјата починаа четири лица, соопшти денес Министерството за здравство на Израел, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството соопшти и дека во земјата се пријавени 170 нови случаи на вирусот, со што бројот на заразени се искачи на 13.883.
Најмалку 142 од нив се во критична состојба, додека 4.353 лица се излекувани.
Владата презеде мерки за спречување на ширењето на вирусот, меѓу кои и затворање на сите образовни установи и забрана за собирање на повеќе од две лица.
Сите бизниси со исклучок на супермаркетите, аптеките, бензинските пумпи и банките се затворени од 15 март.
Тел Авив забрани влез на странски државјани, со исклучок на оние што живеат во Израел.
Вирусот Ковид-19, откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан изминатиот декември, се прошири во речиси 200 земји и региони во светот. Европа и Соединетите Американски Држави (САД) се најтешко погодените региони.
Во светот има над 2,4 милиони заразени со вирусот и над 170.000 смртни случаи. Повеќе од 647.000 луѓе се излекувани, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.