Elena Teslova
20 Јули 2021•Ажурирај: 21 Јули 2021
МОСКВА (АА) - Русија регистрира 23.770 нови случаи на Ковид-19, соопштија денес властите, со што вкупниот број на досега заразени се зголеми на над 6 милиони, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бројот на активни случаи во Русија достигна 474.401, според работната група за состојбата со коронавирусот во земјата.
Околу 784 лица починаа од вирусот во текот на изминатите 24 часа, со што бројот на смртни случаи од Ковид-19 во Русија достигна 149.922. Регистрирани се најмалку 22.218 оздравени пациенти, со што вкупниот број на излекувани од вирусот се искачи на 5,38 милиони.
Во меѓувреме, напорите на московските власти вродија со плод и ситуацијата во руската престолнина почна да се подобрува, бројот на дневни случаи се намали скоро за половина од 6.000-7.000 на ден на 3.000-4000 на ден.
Официјалните претставници дури и олабавија некои ограничувачки мерки, меѓу кои и задолжителното кју-ар скенирање при посета на ресторани.
Според градоначалникот на Москва, дневно во главниот град се вакцинираат над 100.000 луѓе.
Сепак, главната санитарна инспекторка Ана Попова истакна дека ситуацијата останува напната, морбидитетот од коронавирусот се зголемува во 71 од 85 руски региони, главно поради ширењето на сојот Делта.
Попова повика на почитување на мерките за заштита и интензивирање на кампањата за имунизација, нагласувајќи дека тоа ќе спречи ширење и понатамошни мутации на нови соеви на коронавирусот.