Ayhan Şimşek
12 Ноември 2021•Ажурирај: 13 Ноември 2021
БЕРЛИН (АА) - Бројот на активни случаи на Ковид-19 во Германија достигна рекордни 395.300, покажаа официјалните податоци објавени денеска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Бројката, која претставува проценка на бројот на луѓето кои се во моментот болни и кои се сметаат за заразени, ги надмина врвовите од претходните три бранови на пандемијата.
Претходниот рекорд од 377.300 активни случаи е поставен на 25 декември минатата година, на врвот од вториот бран.
Институтот „Роберт Кох“ (РКИ), државна агенција за контрола на болести, соопшти дека во последните 24 часа се забележани 48.640 нови случаи на вирусот, додека 191 лице починале.
Минатата недела Институтот „Роберт Кох“ предупреди дека бројот на заразени во Германија најверојатно ќе се зголеми бидејќи луѓето поминуваат повеќе време во затворени простории во постудените месеци, а голем дел од нив сè уште се невакцинирани.
Во Германија бројот на целосно вакцинирани против Ковид-19 достигна 56,1 милион лица или 67,4 отсто од населението.
Целта на Владата на Германија е да вакцинира најмалку 75 отсто од населението за да се спречи експоненцијалниот раст на нови заразувања за време на есенските и зимските месеци.