Saadet Firdevs Aparı
12 Ноември 2021•Ажурирај: 13 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Археолозите во Перу, во античкиот град Чан Чан пронајдоа посмртни останки од 25 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Посмртните останки пронајдени се на површина од 10 квадратни метри на подрачјето кое некогаш било главен град на царството Чиму, јави „Би-би-си“ (BBC).
Стручњаците веруваат дека постои можност дека би можело да станува збор за гробишта во кои се погребани елитните припадници на народот Чиму.
Археологот Синтја Куева информира дека останките главно припаѓаат на млади жени.
„Ниту една не била постара од 30 години“, рече Куева.
Археологот Хорхе Менесес Бартра рече дека нема доказ дека лицата од гробницата се жртвувани, иако е познато дека припадниците на Чиму принесувале жртви, вклучително и деца.
Менсес Барта истакна дека позицијата на еден од скелетите покажува дека лицето е закопано набргу по смртта, а другите коски се дополнително тука пренесени.
Научниците ќе спроведат испитувања со надеж дека ќе ја откријат причината за смртта.
Телата поставени во седечка позиција биле обвиткани со неколку слоеви платно. Првиот слој бил памучен, а останатите биле од материјал од растително потекло.
Локалните медиуми известија дека во гробницата се пронајдени и 50 парчиња керамика.