Ekip
23 Март 2020•Ажурирај: 24 Март 2020
РИМ
Денес во Италија е потврден 601 нов смртен случај од Ковид-19, со што вкупниот бројот на починати изнесува 6.077 лица. Италија сѐ уште е земја со највисока бројка на починати од вирусот во светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Последните бројки од италијанскиот Оддел за цивилна заштита покажуваат дека вкупниот број на случаи на заразување во земјата е зголемен повторно, но се забележува забавување во темпо во однос на претходно.
Бројот на детектирани случаи на заразени од Ковид-19 во Италија достигна бројка од 50.418 случаи, што е зголемување од 8 отсто во последните 24 часа. Вкупниот број на пациентите кои што досега се излекувани изнесува 7.432.
Епицентарот на епидемијата во Италија останува во северниот регион Ломбардија, при што само таму бројот на жртви достигна бројка од 3.776 лица.
Бидејќи Италија влегува во круцијална недела за да потврди дали е постигнат пресврт во смисла на нови дневни случаи на зараза, Владата продолжува да се бори за управување со вондредната состојба.
Премиер Џузепе Конте во своето обраќање во саботата вечер изјави дека во Италија во потполност е запрено производството коешто не е неопходно во екот на борбата против ширењето на коронавирусот (Ковид-19).
Тој рече дека неговата земја се соочува со најтешката криза од Втората светска војна навака.
„Ќе дозволиме работа на далечина и производството коешто е неопходно. Нема потреба за метеж во супермаркетите. Продавниците за храна, аптеките, поштите и банките остануваат отворени“, рече Конте и додаде дека актуелните мерки се на сила до 3 април.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави во кинескиот град Вухан. Смртоносниот вирус брзо се прошири во повеќе земји, а Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија на Ковид-19.