Enes Canlı
23 Мај 2020•Ажурирај: 24 Мај 2020
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Либија соопшти дека е пронајдено мртво тело на странски платеник во област на југот на главниот град Триполи, кој е освоен од милицијата поврзана со Калифа Хафтар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според писмената изјава од Министерството, армиските трупи пронашле мртво тело на странски платеник во подрачјето на Сaлахадин, место кое е исчистено од пучистот Калифа Хафтар, водачот на нелегалните вооружени сили на истокот на земјата.
Се наведува дека релевантните безбедносни единици и судските органи водат заедничка истрага за да се разјаснат фактите поврзани со странскиот платеник.
Во соопштението исто така се нагласува дека извештајот што ќе биде подготвен за ова прашање ќе биде испратен до Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) како дополнителен доказ за присуство на странски платеници во Либија.
Прес-центарот на операцијата „Вулкан на гневот“, управувана од либиската Армија, на профилот на социјалните медиуми во официјалното соопштение сподели фотографии од работите што се пронајдени кај странскиот платеник. На фотографиите се забележува дека кај војникот се пронајдени банкноти од руски рубљи.
Во друга изјава од прес-центарот на операцијата беше споделена фотографија од антиперсонална мина од руско производство од типот „MON-100“, што е пронајдена во областа која е исчистена од милицијата на Калифа Хафтар.