Ekipa
23 Мај 2020•Ажурирај: 24 Мај 2020
КАРАЧИ (АА) - Најмалку 97 лица загинаа, а две лица преживеаја во авионската несреќа што се случи во јужниот пристаништен град Карачи, соопшти денес Армијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Авионот на „Пакистан интернешнал ерлајс“ („Pakistan International Airlines“ (PIA)), што летал од североисточниот дел на Лахоре, на летот „PK-8303“, се урна вчера во населена област во близина на меѓународниот аеродром „Џина“ додека слетувал со 99 патници и членови на екипажот, потврди во соопштение Дирекцијата за цивилно воздухопловство.
Несреќата се случи неколку дена по продолжувањето на домашните летови по едномесечниот прекин како дел од мерките за спречување на ширењето на коронавирусот во земјата.
Пакистанскиот премиер Имран Кан нареди истрага за втората авионска несреќа од 2016 година.
Здравствените власти во покраината Синд, на која Карачи е главен град, потврдија дека 60 тела биле однесени во Медицинскиот центар „Џина“, додека 32 тела биле однесени во цивилната болница „Рут Пфау“. Дваесетина од повредените се во критична состојба, и се префрлени во истата болница.
Властите, кои претходно не кажаа јасно дали загинатите и повредените се патници или жители на местото врз коешто се сруши авионот, подоцна изјавија дека сите починати биле патници во авионот, но дека во несреќата се повредени и неколкумина мештани.
Потврдено е дека две лица, меѓу кои и реномираниот банкар Зафар Масуд, ја преживеале несреќата.
Здравствените власти изјавија дека деветнаесет од загинатите се идентификувани, но поголемиот дел од телата се изгорени до непрепознавање.
„Спасувачките тимови, поддржани од Армијата, ќе продолжат со операцијата за спасување и расчистување на остатоците, како и за пронаоѓање евентуални преживеани или други тела“, соопшти Армијата.
Спасувачите гледаат мала можност за пронаоѓање тела или преживеани под остатоците бидејќи никој од мештаните не недостасува. Но, велат, таа мала можност постои поради евентуални случајни минувачи на местото на несреќата.
Надлежните започнаа со собирање примероци од ДНК за идентификување на загинатите.
Меѓу патниците што патувале по повод претстојниот празник Рамазан бајрам, имало 20 жени, три деца, неколку армиски офицери, а меѓу нив бил и познатиот пакистански новинар Ансар Накви.
Надлежните власти префрлија десетици жители во локален хотел откако нивните куќи беа целосно или делумно уништени.