ЛОНДОН (АА) - За првпат од почетокот на пандемијата на коронавирусот Ковид-19, повеќе луѓе не го одобруваат начинот на справување на британската Влада со коронавирусот отколку што го поддржуваат, покажа најновата анкета на весникот „Обсервер“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Анкетата, спроведена од „Опиниум“, покажа дека целокупното ниво на поддршка за справувањето на Владата со Ковид-19 е на -3%, 42 отсто од Британците не се согласуваат со начинот, додека 39 отсто го одобрија.
На 26 март, одобрувањето на одговорот на Владата во однос на Ковид-19 беше +42 отсто.
Раководителот на истражувањето на „Опиниум“, Адам Драмонд, рече: „Делумно ова беше и неизбежно бидејќи релативно едноставната и скоро едногласна одлука за изолирање и затворање на државата им отвори пат на многу поконтроверзни одлуки за тоа како и кога сè да се отвори.“
Критичарите се фокусираа на недостатокот на унифициран национален пристап во рамките на Унијата, на повторното отворање на училиштата и општиот недостаток на тестирање и опрема за лична заштита, кои се сметаат за неопходни за безбедно повторно отворање на економијата.
- Северна Англија -
Лидерите во Северна Англија се особено критични кон Владата.
Пишувајќи за „Обсервер“, градоначалникот на Манчестер, Енди Брнхем, од опозициската Лабуристичка партија, вели: „Во Голем Манчестер, немавме вистинско известување во врска со мерките. Во ноќта пред новата работна недела, премиерот говореше на ТВ и активно го охрабруваше враќањето на работните места. Иако тоа јасно би придонело за повеќе автомобили на патиштата и луѓе во возовите, никој во Владата не сметаше дека е важно да им се каже на градовите што треба да се справат со тоа.“
„Ако Владата продолжи во иста насока, очекувајте да видите уште поголемо кршење на националното единство“, рече тој. „Различни места ќе усвојат свои сопствени политики и пораки.“
Северните делови на Велика Британија имаат повисока стапка на трансмисија од Лондон и јужниот дел на земјата, што доведе до критиките дека пристапот „иста одредба важи за сите“ може да доведе до застрашувачки втор бран и понатамошна блокада на државата.
„Ако не ја добиеме потребната помош, постои ризик од втор бран овде, од каде што ќе се пренесе вирусот низ земјата, па и во Лондон“, рече Брнхем.
- Училиштата -
И покрај останатото, Владата е одлучна да ги отвори училиштата на 1 јуни.
Владиниот министер Мајкл Гоув, во врска со одбивањето на локалните власти за повторно отворање на нивните училишта, за „Би-би-си“ (BBC) изјави: „Јасен научен и клинички совет е дека е безбедно да се отворат училиштата, со почитување на социјалното дистанцирање.“
„Децата имаат само една шанса за образование. Во текот на последната деценија направивме значителни чекори кон затворање на јазот меѓу најбогатите и најсиромашните во нашите училишта. Оваа блокада и изолација го уназади тоа“, рече тој.
„Ако навистина се грижите за децата, ќе сакате да бидат во училиштата. Ќе сакате тие да учат. Ќе сакате да имаат нови можности. Затоа, погледнете ги вашите одговорности“, додаде Гоув.
Британскиот премиер Борис Џонсон во весникот „Мејл он сандеј“ („Mail on Sunday“) напиша: „Разбирам дека луѓето ќе се чувствуваат фрустрирани од одредени нови правила. Ние се обидуваме да направиме нешто што никогаш не требало да се направи претходно - извлекување на земјата од целосна изолација на начин кој е безбеден и кој не ја ризикува вашата жртва вложена во напорна работа.“
„Признавам дека она што сега го бараме е посложено отколку едноставно да се остане дома, но ова е сложен проблем и треба да имаме верба во доброто сетило на британскиот народ“, истакна Џонсон.
Според последните податоци, бројот на починати од Ковид-19 во Велика Британија надмина 34.466, додека дијагностицирани се 240.161 заразени со Ковид-19.
news_share_descriptionsubscription_contact
