АНКАРА
Презентиран е лек против Ковид-19 кој е развиен во Турција со синтеза спроведена во земјата од страна на научници кои работеа под капата на „Турската платформа за Ковид-19“ на ТУБИТАК (Научно-технолошкиот истражувачки совет на Турција), кој беше претставен од страна на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган. Министерот за индустрија и технологија на Турција, Мустафа Варанк, за ова постигнување изјави: „Многу сме среќни и горди што лекот дојде до фаза на лиценцирање“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението што го објави Министерството за индустрија и технологија на Турција се наведува дека по успехот на турските инженери кои во рекордно време успеаја да произведат домашен респиратор кој се извезува во светот, успеале да напишат уште една успешна приказна. Во соопштението се вели дека „лекот favipiravir кој е изработен со синтеза спроведена во земјата“, претставен од претседателот Ердоган и развиен од страна на научниците кои работеле под капата на „Турската платформа за Ковид-19“ на ТУБИТАК, стигнал до фаза на лиценцирање.
Лекот именуван „favipiravir“, добиен со синтеза во Турција, е изработен за период од 40 дена од страна на доц. д-р Мустафа Ѓузел и Зејнеп Атабај Ташкент кои координираа со екипа од 32-члена екипа, со соработка со Министерството за индустрија и технологија и Mинистерството за здравство на Турција, ТУБИТАК, Универзитетот „Медипол Истанбул“ и фармацевтската куќа „Атабај илач“.
Со процесот на развојот на лекот и неговото синтетизирање во кој се користени турски суровини, раководеше доц. д-р Мустафа Ѓузел, член на професорскиот кадар на Универзитетот „Медипол Истанбул“, а на индустриско ниво лекот е донесен од страна на Зејнеп Атабај, членка на Управниот одбор на хемиската индустрија „Атабај“, и проф. д-р Хасан Мандал, претседател на ТУБИТАК. Сите тие заедно го посетиле министерот Варанк, предавајќи му го првиот примерок на првиот лек синтетизиран во земјата кој се наоѓа во фаза на лиценцирање. Со тоа, лекот за кој претседателот Ердоган најави дека се планира да се користи во лекувањето против Ковид-19, за првпат е претставен во јавноста.
Министерот Варанк по средбата ги даде следните информации:
„Под лидерство на Мустафа Ѓузел од Универзитетот „Медипол Истанбул“, група научници со сопствени ресурси го развија лекот „favipiravir“ синтетизиран кај нас, кој се покажа како многу успешен во лекувањето од страна на турските доктори на пациентите заболени од Ковид-19. Искористена е инфраструктурата на фармацевтската куќа „Атабај“ за комерцијализација на лекот. На тој начин изработивме лек од сопствени и национални ресурси кој самостојно го синтетизиравме. Сега претстои процес на лиценцирање. Министерот за здравство на состанокот на Кабинетот соопшти дека издал налог за започнување на процесот за лиценцирање на лекот. Кога процесите забрзано ќе завршат, ќе имаме лек кој самите го синтетизиравме и произведовме и кој ќе може да се користи во Турција, а во исто време на тоа поле се отвора значаен простор за негов извоз.“
Министерот Варанк, потсетувајќи дека во претседателството на ТУБИТАК формирале „Турска платформа за Ковид-19“ и пред новиот тип коронавирус (Ковид-19) да навлезе во границите на Турција, продолжи со зборовите:
„Со оваа платформа планиравме да воспоставиме координација со истражувањата на базно ниво во Турција. Под оваа платформа се спроведуваат 17 проекти, од кои еден дел се за вакцина, а еден дел за развој на лек. Синтезата на лекот „favipiravir“ во земјата е еден од тие проекти. Ние сме многу среќни и горди што постигнавме резултат, го доведовме до индустриско ниво и дојдовме до фазата на лиценцирање на лекот.“
Министерот Варанк, изразувајќи надеж дека сите проекти што се спроведуваат под капата на „Турската платформа за Ковид-19“ ќе дадат резултат, истакна: „Верувам дека ќе изработиме проекти што ќе бидат пионери во светски рамки. По завршувањето на базните истражувања, проектите што имаат потреба од клинички испитувања ќе им ги предадеме на Министерството за здравство. По завршувањето на клиничките испитувања, претседателството на Институтот за здравство на Турција (ТУСЕБ), заедно со нашите научници ќе изработи дела кои ќе бидат лек за светот.“
Повторувајќи дека и производството на респиратори од сопствени ресурси произлегло од побарувачката, министерот Варанк истакна:
„Имаме многу добра здравствена инфраструктура која ја градиме веќе 18 години. И покрај тоа што и според бројот на легла на одделенијата за интензивна нега и според бројот на медицинската апаратура, имаме моќна здравствена инфраструктура, бевме решени Турција самата да произведе респиратор. На ист начин повторно, со истиот елан и духот на национална мобилизација, го спроведовме и овој проект и го претставуваме и во земјата и во светот.“
Доц. д-р Мустафа Ѓузел, истакнувајќи дека со универзитетско-индустриската соработка во реалност е спроведен проектот за развивање на лек од домашни ресурси, рече: „Развивме производ од сопствени ресурси. Се надеваме дека со лекот ќе се зголемат потребите од домашни и национални ресурси и дека ќе можеме да развиеме други технолошки проекти кои ќе нѐ трансферираат во лигата на шампиони.“
Изјавувајќи дека со работата започнале пред пет до шест недели, д-р Ѓузел посочи: „Верувајте ми, ниту јас не размислував дека ќе биде толку бргу, но националната мобилност нѐ врза сите едни за други. Ова го постигнавме со тимски дух.“
Д-р Ѓузел потенцира дека е забележано дека лекот „favipiravir“ е ефикасен во лекувањето и кај лицата кај кои само што се појавила зголемената температура, и додаде: „Постојат три до четири лека во светот кои се истакнуваат во лекувањето. Станува збор за лек кој е ефикасен.“
Зејнеп Атабај Ташкент, велејќи дека се компанија со 80-годишно постоење, го истакна следното:
„Четириесет години произведуваме фармацевтски суровини. Произведовме околу 100 фармацевтски суровини. Во исто време и ги извезуваме. Како компанија која се истакнува со производство на лекот „оseltamivir аntiviral“ против грип, произведен со синтеза во земјава, со професорот Мустафа Ѓузел од Универзитетот „Медипол Истанбул“ итно започнавме да работиме на лекови добиени со синтеза кои би биле ефикасни против Ковид-19. Со професорот работевме многу бргу, благодарение на нашата индустриска инфраструктура за синтеза на суровини и инфраструктурата за производство на готови производи. Поддршката на ТУБИТАК ни даде сила и ни ја забрза работата.“
Претседателот Ердоган во својата изјава по последниот состанок на својот Кабинет изјави: „Нашите научници кои под капата на ТУБИТАК работеа на „Турската платформа за Ковид-19“ со синтеза спроведена во земјата успеаја да го произведат лекот „favipiravir“, кој се покажа ефикасен во терапијата што нашите лекари ја користат против Ковид-19.“
news_share_descriptionsubscription_contact
