Ayhan Şimşek
12 Мај 2020•Ажурирај: 13 Мај 2020
БЕРЛИН
Бројот на новозаразени и починати во Германија од Ковид-19 е во раст речиси една недела откако владата ги укина рестриктивните мерки, јавува Агенција Анадолија (АА).
Агенцијата за контрола на болести на Германија објави дека денес 116 лица починале од последиците на Ковид-19 и дека 933 биле позитивни на тестот на Ковид-19, што претставува раст во однос на претходниот ден.
Институтот „Роберт Кох“ вчера објави дека бројот на смртни случаи изнесувал 22 лица а биле детектирани 367 новозаразени, што е најмала бројка за еден ден во речиси два месеци.
Новите бројки го променија трендот од претходниот ден и исто така, предизвикаа загриженост дека попуштените мерки за карантин може да резултираат со брза ескалација на смртни случаи и случаи на заразување со Ковид-19.
Институтот „Роберт Кох“ објави дека во моментот од Ковид-19 се заразени 23.308 лица, а 147.200 лица оздравееле.
Од појавата на вирусот во Германија до сега се регистрирани вкупно 170.508 заразени лица од Ковид-19 и 7.533 починати од последиците на него.
Коалициската влада на канцеларката Ангела Меркел минатата среда одлучи да ги попушти строгите мерки за карантин и повторно ги отвори сите продавници и училишта, како и олабавување на претходната забрана за собирање на повеќе од две лица на јавни места.
Коронавирусот, официјално познат како Ковид-19, откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан изминатиот декември, се рашири во речиси 200 земји и региони. Европа и САД во моментов се најтешко погодени региони.
Пандемијата досега ги зеде животите на над 287.000 луѓе во светот, над 4,2 милиони се заразени, додека излекувани се 1,46 милиони, според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.