Emre Aytekin
05 Мај 2021•Ажурирај: 06 Мај 2021
АНКАРА (АА) - Во последните 24 часа во Индија регистрирани се 382.315 случаи на новиот тип коронавирус (Ковид-19), вкупно 20.665.248 од почетокот на епидемијата на Ковид-19 во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во последните 24 часа во Индија се регистрирани 3.780 смртни случаи предизвикани од коронавирусот, со што бројката на починати се искачи на 226.118. Ова е највисока бројка на смртни случаи забележана на дневно ниво од почетокот на епидемијата.
Моментално во болниците низ Индија се лекуваат 3.487.229 пациенти.
Индија е земја со најголем број на регистрирани случаи на заразени и смртни случаи на дневна основа. Експертите предупредуваат дека вистинскиот број на заразени и починати може да биде многу поголем од наведените.
- Недостиг на кислород -
Според извештаите во индиските медиуми, проблемите во здравствениот систем се јавуваат како резултат на зголемувањето на случаите на Ковид-19, како и поради недостигот на медицински кислород и вакцини.
Во главниот град Њу Делхи, каде што многу болници имаат потреба од итна медицинска помош, првенствено проблем е недостигот на кислород.
Покрај Њу Делхи, и болниците во другите градови низ земјата доживуваат потешкотии во лекувањето на пациентите поради проблеми со кислород.
Врховниот суд на Њу Делхи објави дека против одговорните кои не ги почитувале упатствата за да ги задоволат потребите на повеќе од 40 болници со снабдување со медицински кислород, ќе биде започната судска постапка за непослушност.
Судиите Випин Санџи и Река Пали изјавија: „Вие можете да ја закопате главата во песок како ноеви колку што сакате, но ние нема да го сториме тоа. Ние не прифаќаме „не“ за одговор.“
Наведено е дека вршејќи проценка на апликациите на многу болници и домови за стари лица, судиите забележале дека болниците го намалиле бројот на легла поради недостиг на кислород и ги насочиле пациентите на други места.
Судот повика двајца службеници од Министерството за внатрешни работи да дадат изјави.
Националниот центар за контрола на болести на Индија вчера објави дека на 688.724 пациенти низ целата земја, заклучно со 3 мај, им е потребна поддршка од кислород.
- Недостиг на вакцини -
Министерството за здравство на Индија објави дека во земјата со популација од 1,4 милијарди, почнувајќи од 16 јануари, досега се дадени 160.499.118 дози вакцини.
Адар Пунавала, извршниот директор на Институтот за серуми во Индија, најголемиот светски производител на вакцини, во интервју за „Фајненшл тајмс“ (Financial Times) дадено претходниот ден, предупреди дека има недостиг на вакцини и дека тоа ќе потрае неколку месеци.