Mücahit Oktay
09 Март 2021•Ажурирај: 10 Март 2021
ЊУЈОРК (АА) - Американскиот центар за контрола и превенција на болести (CDC) објави дека луѓето кои ги примиле двете дози од вакцината против коронавирусот можат да се состануваат без носење на заштитни маски, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Американскиот центар за контрола и превенција на болести (CDC) соопшти дека американските државјани кои ги примиле двете дози од вакцината против Ковид-19 ќе бидат безбедни и ќе можат да се состануваат без потреба за носење маска, под услов дека се придржуваат до правилата за физичка дистанца.
Лицето што ќе ја прими и втората доза на вакцината по две недели ќе се смета за потполно заштитено од Ковид-19.
Од Американскиот центар за контрола и превенција на болести (CDC) наведоа дека на возрасните што ќе се вакцинираат ќе им биде дозволено под ист покрив да се состануваат со здравите деца и внуци.
Директорката на Американскиот центар за контрола и превенција на болести (CDC), д-р Рошел Валенски, истакна дека во борбата против пандемијата на Ковид-19 е многу важно да се вакцинираат што поголем број луѓе.
Таа додаде дека тоа е 'прв чекор' кон враќање во нормала, кога луѓето повторно ќе можат безбедно да се собираат, напоменувајќи дека исто така со намалувањето на бројот од случаите на заразување и смртните случаи сè повеќе ќе се ублажуваат и постоечките рестриктивни мерки.
Според податоците на Американскиот центар за контрола и превенција на болести (CDC) , досега се вакцинирани околу 31 милион Американци.
Од друга страна, гувернерот на Вајоминг, Марк Гордон, изјави дека во целата сојузна држава ќе ги укинат мерките за носење маски и дека од 16 март ќе им дозволат на рестораните, баровите, театрите и теретаните да продолжат со нормална работа.
Гордон ја оправда одлуката за укинување на забраната со сè помалиот број активни случаи и хоспитализирани поради Ковид-19, како и со процесот за вакцинација во државата.