Riyaz Ul Khaliq
09 Март 2021•Ажурирај: 10 Март 2021
АНКАРА (АА) - Кина извршува геноцид врз Ујгурите во автономниот регион Синџијанг, се вели во извештајот што е објавен денес, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Извештајот „Геноцид врз Ујгурите: Испитување на прекршувањата од Кина на Конвенцијата за геноцид од 1948 година“, е заснован на обемен преглед на достапните докази и врз примена на меѓународното право на доказите за фактите на терен“, соопшти американскиот издавач Институтот „Њулајнс“ (Newlines).
Експертите испитаа дали Кина сноси државна одговорност за прекршувањето на член II од Конвенцијата за геноцид.
„По примената на наведените одредби од Конвенцијата за геноцид врз бројните докази презентирани овде, овој извештај заклучува, засновано на јасен и убедлив стандард на докажување, дека Кина е одговорна за прекршувањата на секоја одредба од членот II од Конвенцијата за геноцид“, се вели во извештајот.
Споменатиот член од Конвенцијата го дефинира геноцидот како „кога некое од набројаните дела е сторено со намера да се уништи, целосно или делумно заштитената група“.
Оваа намера се мери со објективни стандарди, вклучувајќи официјални изјави, политики, генерален план, образец на однесување и повторени деструктивни акти, кои имаат логичен редослед.
Во извештајот се вели дека кинескиот претседател Си Ѓипинг започнал ‘Народна војна врз тероризмот‘ во регионот и ги направил областите концентрирани со Ујгури да бидат на прва линија од фронтот, тврдејќи дека екстремизмот се вкоренил во ујгурското општество.
„Чуварите на логорот, наводно, ги следат наредбите за одржување на системот во функција сè додека Казаците, Ујгурите и другите муслимански националности не исчезнат... сè додека не исчезнат сите муслимански националности“, се вели во извештајот.
„Високите официјални претставници даваа наредби ‘опколете ги сите што треба да бидат опколени‘, ‘истребете ги целосно... уништете им ги корените и гранките‘, ‘скршете им ја лозата, скршете ги корените, раскинете ги нивните врски и уништете го нивното потекло‘“, се додава во извештајот.
Кина е обвинета за затворање на Ујгурите во логори, а има извештаи и за присилна стерилизација на Ујгурките. Околу 1,6 милиони Ујгури ја напуштија Кина и живеат во странство, според Светскиот конгрес на Ујгурите.
Групите за права, вклучително и „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) и „Амнести интернешнал“ (Amnesty International) го обвинуваат Пекинг за угнетување на 12 милиони Ујгури, од кои повеќето се муслимани.
Во извештајот на „Хјуман рајтс воч“ за 2018 година, детално е објавена кампањата на кинеската Влада за „масовно произволно притворање, тортура, присилна политичка индоктринација и масовно набљудување на муслиманите од Синџијанг“.
Кина и понатаму ги негира обвинувањата дека води кампови за притворање во нејзиниот северозападен автономен регион, тврдејќи дека наместо тоа, таа ги „превоспитува“ Ујгурите.