Ekip
21 Април 2020•Ажурирај: 22 Април 2020
ЖЕНЕВА
Светската здравствена организација (СЗО) денес објави дека се неточни тврдењата за новиот тип на коронавирус, Ковид-19 дека е манипулиран или создаден во лабораторија во Кина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сите достапни докази покажуваат дека вирусот има животинско потекло и дека не манипулиран ниту создаден во лабораторија, ниту било каде на друго место“, изјави портпаролката на СЗО, Фадела Чаиб, која одговараше на прашањата на прес-конференцијата на ОН преку видео-линк во Женева, во врска со тврдењата дека вирусот се проширил од Институтот за вирологија во Вухан.
Овие тврдења се засилија откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела изјави дека Вашингтон сака да открие дали вирусот потекнува од лабораторија во Вухан.
„Најверојатно го има својот еколошки резервоар во лилјаците, но како вирусот дошол од лилјаците до луѓето допрва треба да се открие“, изјави Чаиб.
„Со сигурност постои посредник или животно кое го пренело вирусот од лилјаците на друго животно и потоа на луѓето“, додаде таа.
Чаиб ги поздрави сите земји кои сакаат да помогнат во откривањето на потеклото на вирусот и рече дека за очекување било кога ќе се појави нов вирус да кружат многу 'лажни' теории во медиумите и социјалните мрежи.
„СЗО е организација базирана на науки и ние ги здружуваме силите со многу експерти за да го пронајдеме потеклото на вирусот - во Вухан или на друго место“, рече таа.
Научниците и истражувачите се обидуваат да најдат вакцина за вирусот кој зарази повеќе од 2,5 милиони ширум светот и од чии последици починаа над 171.800.
„Имаме повеќе од 70 вакцини во развој на глобално ниво и неколку терапевтици се во клинички испитувања“, рече таа.
„СЗО работи со Обединетите нации и фармацевтските производители, така што кога ќе се пронајде вакцината, таа правично ќе се сподели со сите земји“, рече Чаиб.