Ekipa
23 Декември 2021•Ажурирај: 24 Декември 2021
КУТАХИЈА (АА) - При ископување на возвишението Сеитомер во западната турска област Кутахија, археолозите пронашле дебело јаже старо 4.500 години, јавува Агенција Анадолија (АА).
Професорот на Универзитетот „Думлупинар“ во Кутахија, Назан Унан, рече дека тимот за ископувањата составен од 250 лица вклучува археолози, антрополози, реставратори, архитекти, архитекти реставратори и експерти за керамика.

„Оваа година најдовме парчиња од јаже кои нѐ изненадија. Има, исто така, неколку парчиња кои ги ископавме од едно од местата кое било зафатено со пожар. Ова, исто така, потекнува од пред 4.500 години. Можеме да кажеме дека ова е еден од остатоците кој нѐ изненади и ние го сметаме за важен бидејќи го најдовме во опожарена област“, додаде Унан.
Возвишението Сеитомер се наоѓа во подрачјето на резерви на јаглен на компанијата „Сеитомер лигнит“ во Кутахија. Тоа е локалитет на античко живеалиште со големина од 140 метри на 150 метри и 26 метри повисоко од неговата околина.
На локалитетот во 1989 година се вршени ископувања од Музејот „Ескишехир“ и од Музејот „Афјон“ во периодот од 1990 до 1995 година. Со двете ископувања се успеа да се ископа само околу една десетина од насипот.
Возвишението било населено за време на бакарниот, бронзениот, железниот, хеленистичкиот, римскиот, византискиот, селџучкиот период, почнувајќи од пред 5.000 години.