Husameddin Gina
11 Декември 2018•Ажурирај: 13 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Делови од народни носии и накит, како и предмети за домаќинство направени од дрво, текстил, метал и грнчарија, беа дел од изложбата „Етнолошкото наследство на малцинските етнички заедници“ што се отвори вечер во Музејот на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Изложбата „Етнолошко наследство на малцинските етнички групи во Македонија" е прва изложба во Музејот на Македонија која го претставува интегрално културното наследство на етничките заедници на Албанците, Турците, Ромите и Власите.
Министерот за култура на Република Македонија, Асаф Адеми, на отворањето на изложбата истакна дека иницијативата на Музејот на Македонија и на делегецијата на Европската унија (ЕУ) во Македонија за презентација на изложбата е од големо значење бидејќи преку културата дополнително се запознаваме помеѓу себе.
„Сето она што може да звучи во музејските витрини, да се види во музејските витрини за прв пат на ваков систематизиран начин, за момент ќе ни овозможи да се вратиме во времето на крајот на 19 век и почетокот на 20 век, да се запознаеме со накитот, носиите, покуќнините и со многу други предмети кој културолошки ги детерминираат овие заедници“, истакна Асаф Адеми.
Едмонд Адеми, министер без ресор во Владата на Република Македонија задолжен за дијаспора нагласи дека изложбата е убава прилика секој да се запознае со овие клучни елементи којшто ги прават етничките заедници богати и различни.
„Незнаењето или игнорирањето на меѓусебните разлики можеби е најважниот предизвик со којшто се соочува човештвото денес. Без вистинско знаење на разликите нема да можеме да ги цениме заедничкото нешто што постои кај сите нас“, порача Едмонд Адеми.
На свеченото отворање присуствуваше шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.
Тој во своето обраќање потсети дека Европската унија 2018 година ја прогласи за година на културното наследство.
„Целта на годината е граѓаните да го откријат и одблиску да се запознаат со културното наследство. Наследството го формира нашиот идентитет и секојдневие. Тоа е присутно насекаде во сите европски градови, во природата, литературата, умтеноста, објектите и облеката“, рече Жбогар.
На изложбата се прикажани најистакнатите предмети кои се дел од народни носии и накит, како и предмети за домаќинство направени од дрво, текстил, метал и грнчарија. Секој од презентираните експонати, кои датираат од 19-от до средина на 20-от век, во себе ја носи колективната историска и емоционална меморија на етничките заедници.