Ekipa
05 Април 2017•Ажурирај: 06 Април 2017
ЊУЈОРК (АА) - Американската амбасадорка при Обединетите нации (ОН) Ники Хејли, во врска со нападот со хемиско оружје во Идлиб порача дека САД би можеле да преземат еднострана акција доколку ОН не успее да делува заеднички во врска со нападот во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ако Советот за безбедност при ОН повторно не преземе ништо, ние сами ќе мора да преземеме акција“, порача Хејли во своето обраќање во Советот за безбедност на ОН, каде што се одржува вонредна седница на која се расправа за нападот со хемиско оружје.
Американската амбасадорка, покажувајќи фотографии на сириски деца кои загинаа во нападот со хемиско оружје, истакна дека вчера умираа деца од чија уста течеше пена.
„Се разбудивме со фотографии од повредени деца во рацете на беспомошни семејства. Видовме безживотни тела на бебиња кои имаа рани од напад со хемиско оружје. Не можеме да ги затвораме очите пред овие фотографии. Не можеме да избегаме од одговорноста. Уште колку деца треба да умрат за Русија да се загрижи“, рече Хејли.
Напомена дека нападот со хемиско оружје во Идлиб е голем срам.
„Хуманоста за сирискиот режим веќе не претставува ништо. Ако не ја осудиме употребата на хемиското оружје, како тогаш ќе спречиме конфликти од пошироки размери“, рече Хејли.
На крајот таа отворено ја критикуваше Русија, велејќи дека Москва секогаш ги обвинува другите.
„Но, реалност е дека на Русија, Иран и на Асад не им е грижа за мирот“, порача Хејли.
Заменикот руски амбасадор во ОН, Владимир Сафронков, истакна дека нападот со хемиско оружје можеби го извршиле опозициските сили, обвинувајќи ги западните земји за провокација. Тој истакна дека извештаите за нападот во Идлиб се направени површно, додавајќи дека се сомнева во веродостојноста на фотографиите и снимките.
Седницата на Советот за безбедност е предводена од страна на американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли. На седницата присуствува заменик-амбасадорот на Русија при ОН, Владимир Сафронков..
Во вчерашниот напад, во кој силите на режимот на Асад употребија хемиско оружје во Идлиб, загинаа повеќе од 100, а ранети се над 500 цивили.
Меѓу настраданите има голем број деца и жени. ОН, НАТО, ЕУ како и Турција, Велика Британија, Франција и други земји го осудија нападот.
Нацрт-реолуцијата во којашто се осудува нападот и се повикува на истрага е предложена од страна на Велика Британија, Франција и на САД.