Cüneyt Karadağ
27 Јануари 2019•Ажурирај: 28 Јануари 2019
БЕРЛИН (АА) - ЏУНЕЈТ КАРАДАГ -
Генералниот координатор на Фондацијата за економски и општествени истражувања (SETA), Бурханетин Дуран, во врска со обидот за државен удар во Венецуела, истакна дека претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, сака да ја сруши 20-годишната социјалистичка власт, јавува Anadolu Agency (AA).
Дуран во рамки на неговата посета на германскиот главен град Берлин, во изјава за новинарот на АА говореше околу актуелните теми во светот.
Дуран нагласи дека обидот за државен удар во Венецуела е пример за кризата во глобалниот систем, и дека интервентната политика на САД го изгубила своето значење во меѓународните односи и покажала дека отворените интереси се суштински.
Според Дуран, администрацијата на Трамп била актуализирана преку трговските војни на САД, економските санкции, заканувањето на сојузниците, прикривањето на убиството на новинарот Џамал Кашоги и преку нејзиниот пристап кој може да предизвика граѓанска војна во Венецуела.
Дуран истакна дека една карактеристика на периодот на Трамп е тоа дека сѐ се реализира на отворен начин.
„Интересите на САД се многу јасни. Трамп сака да ја сруши 20-годишната социјалистичка власт. Да ѝ кажете на една постоечка власт на една земја која живее со приходи од нафта, дека нема да ѝ ги дадете тие пари и дека нема да го признаете претседателот, тоа значи државен удар и граѓанска војна“, додаде тој.
Дуран истакна дека ставот на Турција е против поттикнување државен удар и граѓанска војна.
„Турција тоа не го изрази само во Венецуела, истото го направи кога истото му се случи на претседателот на Египет, Мухамед Морси. Иако е различно од Венецуела, Турција самата го доживеа настанот на 15 јули. Многу добро знае што значи тоа“, нагласи Дуран.
Според него, кога САД и Европската Унија (ЕУ) интервенираат во кризата во Венецуела, тие ја користат реториката „слобода и правна држава“. Тој рече дека оваа реторика ги покажува отворените интереси на САД.
- Одлуката на САД за повлекување од Сирија -
Дуран истакна дека во Сирија се појави една нова состојба откако САД соопштија дека ќе се повлечат од источниот дел на Еуфрат. „Всушност, ова е една сцена пред конечната сцена. Конечната сцена е реализирање на процесот на политичка транзиција, односно обединување на процесите од Астана и Женева“, додаде Дуран.
Тој нагласи дека сѐ уште не се знае како ќе се повлечат САД и потсети дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави оти Турција сака сама да врши надзор врз ова место.
Генералниот координатор на СЕТА истакна дека во случај Асадовиот режим да остане на власт во Сирија, 6 милиони бегалци не ќе може да се вратат назад, и дека тоа претставува сериозен проблем и за Турција и за европските земји.
- Односите меѓу Турција и Германија -
Дуран рече дека тензиите кои се случија во последните три години меѓу Турција и Германија не се добри за стратешките интереси на двете земји.
Според Дуран, Турција е една многу значајна безбедносна точка против бегалскиот тек кој може да дојде од Блискиот Исток и Медитеранот.
„Затоа, знаеме колку се длабоки економските односи на двете земји. Јасно беше дека германските медиуми и германската политика против Ердоган ги затегаа билатералните односи, но тоа е едно прашање што треба да се надмине. Сметам дека треба да се забрза нормализацијата која започна со последната посета на претседателот Ердоган“, истакна тој.
- Договорот од Ахен и Брегзит -
Дуран се осврна и на Договорот од Ахен кој беше потпишан меѓу Германија и Франција, и истакна дека интеграцијата меѓу двете земји е многу критична за иднината на Европа.
Дуран нагласи дека Брегзит веќе стана основен проблем на Обединетото Кралство. Според него, во случај оваа земја да ја напушти ЕУ без договор, можно е дека тоа ќе предизвика многу голема штета и во односите меѓу Европа и Обединето Кралство, како и во економијата на Обединетото Кралство.