Ekipa
23 Февруари 2017•Ажурирај: 24 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим изјави дека терористичката организација ФЕТО претставува голема закана во сите 170 земји во кои е активна, исто како што претставува закана за демократскиот поредок и за народот на Турција, а што се одрази минатата година со неуспешниот обид за воен удар во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим денес се состана со пакистанскиот колега Наваз Шариф, кој со бројна делегација од пакистански официјални лица престојува во официјалната посета на Анкара.
Укажувајќи на длабоките историски и пријателски односи меѓу Турција и Пакистан, Јилдирим на прес-конференцијата истакна дека денешната средба се одржа во свечена атмосфера, со оглед на 70-годишниот јубилеј на билатералните односи меѓу двете земји.
Шефот на турската Влада соопшти дека пакистанскиот народ, Парламентот и Владата, во обидот за државен удар на 15. јули минатата година покажаа вистинска братска поддршка кон Турција, нејзиниот народ и демократскиот поредок.
„ФЕТО е закана за редот и безбедноста и за братскиот Пакистан. Знаеме за вашиот внимателен став за потребата од расчистување на сите елементи на ФЕТО од Пакистан. Затоа, ние сме ви благодарни. Со наредните потези на братскиот Пакистан, ФЕТО ќе го изгуби просторот за дејствување и целосно ќе мора да ја напушти земјата“, рече Јилдирим.
Турскиот премиер Јилдирим, исто истакна дека со пакистанскиот колега Шариф зборувал за важните регионални прашања, со посебен акцент на потребата од зачувување на мирот и стабилноста во регионот.
„Во овој контекст, ние се согласуваме за потребата од дијалог и решавање на отворените прашања меѓу братските земји Пакистан и Авганистан. Уште еднаш повторувам дека Турција е подготвена да преземе каква било улога во процесот на интензивирање на односите меѓу Пакистан и Авганистан. Зајакнувањето на тие односи ќе придонесе за поефикасна борба против тероризмот и ќе ги реши сите други проблеми во регионот“, рече Јилдирим.
Шефот на Владата на Пакистан, Шариф изјави дека во Турција се чувствува како во свој втор дом, порачувајќи дека сите непријатели на Турција се непријатели и на Пакистан, и дека тие силно ја поддржуваат Турција во борбата против тероризмот.
„Во историјата ќе биде испишана со златни букви храброста на турскиот народ, кој со голи раце застана против тенковите и авионите на предавниците и ја бранеше државата“, изјави Шариф, додавајќи дека Пакистан ја поддржува Турција во борбата против организацијата што стои зад овој обид за воен удар.
Шариф изјави и дека Пакистан води решителна борба против тероризмот и дека ќе ја продолжи борбата сѐ додека терористите се закана за безбедноста на Пакистанците.