Ivana Ramadanova
29 Септември 2016•Ажурирај: 30 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) -Основното јавно обвинителство (ОЈО) денеска одржа брифинг со новинарите на кој главна тема беше случајот со Коста Крпач, јавува Anadolu Agency (AA).
Од јавното обвинителство информираат дека според сите докази со кои тие располагаат, може да се потврди дека во случајот со Коста Крпач станува збор за самоубиство, додавајќи дека тие продолжуваат со истрагата, бидејќи како што велат, треба да се истражи што го натерало да посегне по својот живот.
Како што велат од ОЈО, револверот од кој било пукано бил на име на веќе починатиот Коста Крпач и за него тој поседувал дозвола. Беше истакнато дека досега веќе биле направени сите вештачења во врска со целиот случај. Засега, спорен останува мобилниот телефон на Крпач, за кој од ОЈО велат дека не можеле да го декодираат за да се види со кого комуницирал починатиот.
„Според истрагата, на 7 април Коста Крпач бил повикан на сослушување во СЈО, каде што тврдел дека добива закани, но засега деталите кој и како му се заканувал не можеме да ви ги дадеме бидејќи записникот со тие податоци сѐ уште го немаме добиено од СЈО. Тие самите кажаа дека Крпач добивал закани и ако сето тоа е вистина, за тоа мора да постои записник што ние бараме да ни биде доставен“, велат од Обвинителството.
Од ОЈО соопштија дека семејството на Крпач барало да се дознае зошто тој се самоубил, додавајќи дека досега се испитани 19 лица, од кои 10 се службеници од МВР кои биле на местото на истрагата на денот на самоубиството.
„Според информациите на неговите најблиски, по претресот што е направен на 6 април во домот на Крпач, следниот ден тој се пријавил како сведок во СЈО. Од тој ден, на Крпач му се сменило расположението, а за тоа потврдуваат и повеќемина сведоци кои ги испитувал надлежниот обвинител. Крпач пукал и надвор од станот, но засега е непознато кон кого и поради што. Затоа уште еднаш бараме од СЈО да ни го достави записникот за да можеме да го комплетираме случајот“, велат од Основното јавно обвинителство.
Коста Крпач на 27 април годинава беше пронајден мртов во неговиот стан во населбата Капиштец. Тој беше управител на фирмата „Финзи“, која беше спомената вчера на прес-конференцијата на СЈО за случајот „Трезор“, како компанија преку која одела набавката на електронска и комуникациска опрема од Велика Британија за што СЈО сомничи четворица вработени во УБК и МВР дека незаконски го оштетиле буџетот на Македонија.