Sorwar Alam
08 Април 2018•Ажурирај: 09 Април 2018
АНКАРА (АА) - Франција денес повика на итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) во врска со последниот хемиски напад на сирискиот режим во Источна Гута, јавува Anadolu Agency (AA).
Преку соопштение, францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан, го осуди „продолжувањето на сирискиот режим со опсадата на подрачјето на Дума во Источна Гута, и бомбардирањата во коишто загинаа голем број цивили во последните 24 часа“.
Најмалку 70 цивили беа убиени доцна синоќа, откако силите на Башар ал-Асад извршија напад со отровен гас во подрачјето на Дума, Источната Гута, истакна Цивилната заштита „Бели шлемови“.
Ле Дриан изрази екстремна загриженост и индигнација во врска со хемискиот напад, кој тој го нарече флагрантно кршење на меѓународното хуманитарно право.
„Франција активно работи со своите сојузници за да ја потврди реалноста и природата на нападите“, рече тој, додавајќи дека употребата на хемиско оружје е воено злосторство и кршење на меѓународниот режим за непролиферација.
Тој повтори дека Франција ќе ги преземе сите свои одговорности во борбата против ширењето на хемиското оружје.
Во соопштението не се наведуваат информации за тоа кога ќе се одржи седницата на Советот за безбедност на ОН.
- Асадовиот режим во Сирија користеше хемиско оружје 215 пати -