Tayfun Salcı
15 Ноември 2018•Ажурирај: 16 Ноември 2018
ЛОНДОН (АА) - Британскиот министер за Брегзит, Доминик Раб и државниот министер за Северна Ирска, Шаилеш Вара, поднесоа оставки поради прифатениот Нацрт-договор меѓу Брисел и Лондон за излез на Велика Британија од ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Раб во објава на Твитер наведе дека постигнатиот договор за Брегзит, особено делот кој се однесува на Северна Ирска, го смета за закана по територијалната целовитост на Велика Британија.
Слично образложение за оставка даде и британскиот министер Вара, кој беше на чело на ресорот задолжен за Северна Ирска.
„Народот на Велика Британија на референдумот го изгласа излезот од ЕУ. Овој договор, како и да се толкува, не ја прави Велика Британија независна и суверена држава надвор од оковите на ЕУ“, порача Вара.
Поради Брегзит, од јули оставка во британската Влада поднесоа и Дејвид Дејвис, Борис Џонсон и Џо Џонсон.
Британската премиерка Тереза Меј објави прифаќање на прелиминарниот Договор за Брегзит по петчасовниот состанок во Владата.
Сите детали на Договорот би требало да бидат познати денес, кога премиерката Меј ќе се обрати во Парламентот на Велика Британија.
Најмногу внимание во Договорот привлекува делот од 585. страница, кој зборува за проблемот на границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска.
Британските медиуми пишуваат дека во текстот на прелиминарниот Договор ниту еднаш не се споменуваат Шкотска и Велс.
Името на Велика Британија се споменува само трипати, за разлика од името на Северна Ирска, кое се споменува дури стопати.
Аналитичарите најавуваат дека бранот на оставки во британската Влада би можел да продолжи.
Планирано е Велика Британија да ја напушти ЕУ во март наредната година.