Admir Fazlagikj
24 Април 2016•Ажурирај: 25 Април 2016
ВЕЛЕС (АА) - Во присуство на десетина граѓани од Велес, претставникот на УНХЦР во Македонија, Мохамед Ариф, како и неколку хуманитарни активисти денес на градските гробишта во Велес, со поставување на спомен обележје на местото каде се погребани, се одбележа првата годишнина од загинувањето на 14-мината бегалци кои трагично ги загубија животите на пругата Велес - Скопје во потрага по спас на нивните животи од воените конфликти во земјите на Блискиот Исток и Северна Африка, јавува Anadolu Agency (AA).
Присутните верници од муслиманската вероисповед предводени од имамот на џамијата во Велес, Сејфедин Селимовски со молитва се присетија на трагично загинатите бегалци, а во оваа пригода имамот Селимовски обраќјаќи се до присутните рече дека овие трагично загинати бегалци биле во потрага по мирот но судбината била нивните животи да завршат на велешките пруги.
Претставникот на УНХЦР, Мохамед Ариф во своето кратко обраќање до присутните рече дека бегалците кои пред година дена загинаа на пругата кај Велес се луѓе кои бегале од војна и трагале кон мирот но ги затекнала смртта.
"Овие 14-мина не се единствените коишто ги загубија своите животи бегајќи од војна, има уште многу коишто ги загубија своите животи, а сеуште има луѓе кои се на тој пат и кои се уште бегаат", рече Ариф, апелирајќи до земјите во кои се наоѓаат бегалците да направат се да ги заштитат бегалците, тие да не бидат отфрлени и кон нив да се пристапи хумано бидејќи како што рече тој, тоа е одговорноста на секоја земја.
Иницијатор за одбележување на годишнината од загинувањето на бегалците е хуманитарната активистка Ленче Здравкин која помага во згрижувањето на бегалците уште од нивните први доаѓања во групи во Македонија, одејќи кон Европа.

"Целта на одбележувањето на тој трагичен настан е да се присетиме на трагичното губење на животите на бегалците но и да се упати апел за хуман третман кон нив" изјави хуманитарната активистка Здравкин за Anadolu Agency (AA).
Здравкин информираше дека нејзината идеја за одбележување на првата годишнина од загинувањето на бегалците технички била поддржана од УНХЦР Македонија.
Да потсетиме, на 23.04.2015 година на пругата Велес-Скопје, одејќи од македонската јужна кон македонската северна граница 14 бегалци, од кои 13 Авганистанци и еден Сомалиец загинаа при налет на меѓународен воз кој сообрајќаше на релација Солун-Белград, а МВР на Македонија потврди дека беглаците загинаа на лице место.
Од почетокот на бегалската криза па се до донесување на измените на Законот за азил во јуни месец минатата година, со чии измени им беше дозволено на бегалците да користат јавен превоз при транспорт од македонската јужна кон македонската северна граница загинаа најмалку 30 бегалци.