Bekim Laci
18 Мај 2017•Ажурирај: 19 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје денес се отвори третиот циклус саеми за вработување, каде што до 15 јуни, Агенцијата за вработување овозможува преку директен контакт со работодавачот, невработеното лице да се стекне со потребните информации за бараниот кадар, висината на платите, поточно, што нудат работодавачите, како и специфики на работните места, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими, на отворањето на саемот истакна дека овие настани овозможиле да се намали нивото на невработеноста, кое според него, во 2016 година било 36 проценти, додека последните податоци објавени од страна на Заводот за статистика покажуваат дека е 23,7 проценти.
Ибрахими нагласи дека ваквите саеми претставуваат добра можност за младите, тие да се запознаат со ситуацијата на пазарот на трудот, така што ќе можат да го насочат своето образование кон потребната насока.
„За приватните бизнисмени, овој саем е прекрасна можност за да ги претстават во јавноста своите активности, како и потребите за работна сила, со што ќе бидат попривлечни за вработените. Секој ден го зацврстуваме нашето партнерство со работодавачите затоа што бизнис климата најмногу зависи од нивната ефективност“, вели Ибрахими.
Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, во својот говор истакна дека во претходните два циклуса на саемите, бројот на посетителите бил над 70.000, а тие оставиле над 21.000 работна биографија, што резултирало со 2.000 вработувања.
„Агенцијата за вработување е институција којашто слуша и ги реализира сите желби што ги имаат работодавачите но и лицата коишто бараат работа. Ова е местото каде што тие директно ќе можат да стигнат до работодавачите и да видат што сѐ тие бараат“, нагласи Поповски.
Според Поповски, невработеноста кај младите се намалува, но сè уште е голема.
Пред четири години изнесувала 50 проценти, додека денес е околу 46-47 проценти.
Караванот на саемот вклучува шест града: Скопје, Штип (26 мај), Кавадарци (30 мај), Битола (6 јуни), Тетово (8 јуни), и Струмица (13 јуни).