Emin Avundukluoğlu
06 Март 2018•Ажурирај: 06 Март 2018
АНКАРА (АА) - Поради неумоливите напади на режимот на Асад врз подрачјата во Сирија, како што е Источна Гута, денес турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, Резолуцијата на ОН за прекин на огнот во Сирија, во однос на ефективноста, ја нарече бесмислена, јавува Anadolu Agency (AA).
„Неодамнешните случувања во Источна Гута тешко се проголтуваат, тие не му доликуваат на човештвото“, истакна Реџеп Таип Ердоган во своето денешно обраќање пред пратениците од владејачката Партија на правдата и развојот (АК Parti) во Парламентот.
„Бог ја проколна вашата резолуција!“ рече тој во однос на усвоената резолуција на ОН за прекин на огнот.
„Резолуцијата што никогаш не стапи на сила, нема значење за човештвото“. Ердоган го обвини Советот за безбедност на ОН, кој ја усвои резолуцијата за 30-дневен прекин на огнот на 24 февруари, за манипулирање со човештвото. Претходно Ердоган ја критикуваше структурата од пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН (СБОН): „Има ли има нешто човечко и хумано во она што се случува во Источна Гута? Во Советот за безбедност на Обединетите нации донесуваат одлуки, но што ви вредат тие. Какво значење има одлуката што не се спроведува. Вие го лажете човештвото. Затоа повторуваме дека светот е поголем од петте постојани членки на СБОН“, рече Ердоган.
Според податоците на Цивилната одбрана „Бели шлемови“, и покрај резолуцијата, околу 756 лица се убиени во нападите на режимот во опколената Источна Гута во изминатите две недели. Источна Гута, предградие на Дамаск и дом на околу 400 000 луѓе, последните пет години е под опсада на режимските сили.
Во изминатите осум месеци, силите на Асадовиот режим ја интензивираа опсадата на енклавата, со што стана речиси невозможно доставување храна или лекови до илјадниците цивили.
- Операцијата „Маслинова гранка“ -
Турскиот претседател Ердоган истакна дека операцијата на турските сили „Маслинова гранка“ успешно продолжува во подрачјето на Африн, северозападна Сирија. Тој нагласи дека во подрачјето на Африн од рацете на терористите ослободена е површина од вкупно 700 квадратни километри и е под контрола на турската војска.
„Во операцијата херојски загинаа 41 наши војници и 159 браќа од Слободната сириска војска“, рече Ердоган, и додаде: „Терористичкиот коридор, за кој се прават обиди за негово формирање, има само една цел, Турција“.
На 20 јануари започна операцијата „Маслинова гранка“ која има за цел расчистување на терористите на ЈПГ/ПКК-ДЕАШ од подрачјето на Африн, северозападна Сирија.
Операцијата е насочена кон воспоставување безбедност и стабилност долж границата на Турција и регионот, како и кон заштита на сириското население од угнетувањето и суровоста на терористите.
Операцијата се спроведува во рамките на турското право, засновано на меѓународното право, резолуциите на Советот за безбедност на ОН, правото на самоодбрана според Повелбата на ОН, и со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Во рамките на операцијата, војската за мета ги има само терористичките позиции и терористите, додека се води исклучителна грижа да не им се нанесе штета и да не се повреди цивилното население.