Nazlı Yüzbaşıoğlu,Dildar Baykan
06 Март 2018•Ажурирај: 07 Март 2018
АНКАРА (АА) - Портпаролот на турското Министерство за надворешни работи, Хами Аксој, изјави дека е неприфатливо тоа што Роб Менинг, портпаролот на американскиот Пентагон, истакнатиот водач на терористичката организација ПКК го ословува како генерал, јавува Anadolu Agency (AA).
Аксој денес во Анкара ја коментираше неодамнешната изјава на портпаролот на Пентагон, кој со титула „генерал“, го ослови истакнатиот водач на ПКК, Ферхад Абди Шахин, познат и под кодното име „Мазлум Кобани“.
„Портпаролот на Пентагон продолжува да зборува глупости. ПЈД/ПКК е терористичка организација и сите тоа добро го знаеме. Неодамна се објавени и извештаите на официјалните американски институции, во кои се наведуваат и доказите дека ПЈД/ЈПГ е сириски огранок на ПКК. Претпоставувам дека за тоа знае и портпаролот на Пентагон, кој и претходно даваше слични изјави. Ние реагиравме и пак ќе реагираме“, изјави Аксој.
Шефовите на турската и на американската дипломатија, Мевлут Чавушоглу и Рекс Тилерсон, на неодамнешниот состанок договорија формирање заеднички работни групи и механизми. Овие тела за ситуацијата во Сирија и билатералните односи меѓу Анкара и Вашингтон ќе разговараат во четврток и во петок.
Аксој изјави дека турската делегација и во таа пригода на САД ќе им изнесе јасни ставови и очекувања.
„Сакаме ПЈД/ЈПГ да го предаде оружјето. За тоа ќе разговараме на престојниот состанок“, изјави Аксој.
Менинг во неодамнешната спорна изјава рече дека САД во Сирија ќе продолжат да даваат поддршка на локалните воени совети сè додека таа и „генералот Мазлум“ ја поддржуваат борбата против терористите на ДЕАШ.