Barış Gündoğan
02 Ноември 2017•Ажурирај: 03 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара изјави дека очекува првиот автомобил од домашно производство да биде пуштен во продажба во 2021 година, а прототипот би требало да биде завршен во 2019 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Ердоган во Анкара говореше на церемонијата организирана по повод претставувањето на компаниите кои ќе учествуваат во производството на првиот турски автомобил. Тој истакна дека во овој проект ќе учествуваат компаниите „Anadolu Group“ (Анадолу груп), „BMC“, „Kıraca Holding“ (Кирача холдинг), „Turkcell Group“ (Турксел груп) и „Zorlu Holding“ (Зорлу холдинг).
„Ова е значаен проект во рамките на целите за реализација до 2023 година, и поради тоа не сакаме ни најмало доцнење“, рече Ердоган и додаде:
„Во Турција, минатата година, остварена е продажба на 757.000 автомобили на годишно ниво. Фактот што Турција на овој план сѐ уште нема направено ништо претставува срам за нашата држава. Денес правиме историски чекор кога станува збор за ослободувањето од тој срам“, порача Ердоган.
Турскиот претседател нагласи дека е подготвен да пружи секаков вид поддршка на групата која ќе работи на производство на првиот автомобил, и додаде дека сака да биде купувач на првиот автомобил кој ќе излезе на пазарот.
„Она што го очекуваме од оваа група е што поскоро да завршат подготовките за проектот, и најдоцна до 2019 година да го добиеме прототипот на автомобилот, додека автомобилот да се појави на пазарот во 2023 година“, порача Ердоган.
Тој додаде дека не е само прашањето за производство на автомобили, туку дека станува збор за правење многу амбициозен чекор напред во контекст на технологијата и искуството што ќе бидат вложени во овој проект.
Ердоган нагласи дека групата на компании кои ќе работат на првиот турски автомобил презела голема одговорност преку која ќе се оствари сонот на државата и на турскиот народ, но дека притоа ќе има секаков вид на поддршка.