Emrah Oktay
23 Јули 2018•Ажурирај: 24 Јули 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - ЕМРАХ ОКТАЈ -
Фудбалерот со потекло од Турција, Месут Озил, вчера соопшти дека по големите притисоци и расистички напади ја напушта репрезентацијата на Германија во чиј дрес оствари неизбришливи траги и во голема мера придонесе за нејзиниот успех, јавува Anadolu Agency (AA).
Фудбалерот на Арсенал, Озил, откако во Лондон се состана со турскиот претседател Ердоган, се најде на удар на расистичките и дискриминаторските напади, а потоа од пошироката јавност во Германија беше етикетиран како главен виновник за неуспехот на земјата на Светското првенство во Русија.
Искусниот играч Озил за германскиот национален тим настапи на 92 напревари, даде 23 гола и забележа 40 асистенции.
Роден е на 15 септември 1988 година во германскиот Гелсенкирхен, каде што на својата 10-годишна возраст започна да тренира фудбал.
Во подмладокот на славниот Шалке 04 Озил премина во 2005 година. Веќе во следната сезона тој, како 18-годишен, дебитираше во Бундеслигата. За 5 милиони евра во сезоната 2007/2008 од Шалке премина во Вердер од Бремен.
За време на две и полгодишната сезона во Вердер, одигра 97 натпревари и како творец на играта го доведе тимот до освојување на Германскиот куп за сезоната 2008/2009.
Озил одлучи да игра за Германија, не за Турција од каде што потекнува, а во помладите селекции играше 27 пати.
Со селекциите У21, Озил ја освои титулата „Европски шампион“, а во екипата А како 20-годишник, во 2009 година дебитираше против Норвешка.
Добрите игри го доведоа Озил до големиот Реал Мадрид, чиј дрес за 18 милиони евра облече во сезоната 2010/2011.
Во текот на четирите сезони за „кралскиот тим“, Озил одигра 158 официјални натпревари и постигна 27 гола. Во тој период ја освои шампионската титула на Шпанија, Кралскиот куп и Суперкупот на Шпанија.
Во Арсенал, Озил пристигна во 2013 година за 47 милиони евра. Во последните пет сезони тој одигра 197 натпревари и постигна 38 гола. Го освои трипати ФА купот и двапати Супер купот на Англија. Раководството на Арсенал го продолжи договорот на Озил за уште три сезони.
Со германската репрезентација, Озил освои бронзен медал на Светското првенство 2010 во Јужноафриканската Република, а четири години подоцна во Бразил и титулата светски шампиони. Тој беше еден од неизбежните играчи во тимот на германскиот селектор Јоаким Лев.
Во пресрет на Светското првенство во Русија, Озил стана цел на расистички напади и критики, бидејќи со својот турски колега од репрезентацијата Илкај Гундоган, со турско потекло, и со турскиот репрезентативец Џенк Тосун, во мај годинава се сретна и се фотографира со турскиот претседател Ердоган во Лондон.
Тој вчера ѝ се обрати на јавноста и соопшти дека повеќе нема да настапува за германската репрезентација.