Fatih Erel
23 Декември 2016•Ажурирај: 24 Декември 2016
ЖЕНЕВА (АА) - Во Канцеларијата на Обединетите нации во Женева се одржа прес-конференција на која се обрати портпаролот на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), Вилијам Спиндлер.
„Вчера се случија две одделни несреќи на два гумени чамци во Средоземното Море, помеѓу Либија и Италија, во кои животот го загубија околу 100 бегалци“, изјави портпаролот Спиндлер, јавува Anadolu Agency (AA).
„Заедно со последните две несреќи што се случија вчера, бројот на настрадани бегалци во Средоземното Море оваа година е поголем од 5.000 лица, со што 2016 година стана година во која досега настрадале најголем број бегалци што преку Средоземното Море се обиделе да пристигнат до Европа“, информираше Спиндлер.
На прес-конференцијата беше соопштено дека вчера на отворено море, близу Италија потонал гумен чамец што превезувал од 120 до 140 лица, од кои се спасени 63 бегалци. Спиндлер додаде дека од другиот потонат гумен чамец, кој превезувал 120 лица, спасени се 80. Во извештајот е заведено дека во двете несреќи настрадале околу 100 лица.
Портпаролот Спиндлер соопшти дека со последната несреќа, во просек, во Средоземното Море животот го губеле по 14 луѓе дневно, што на дневна основа претставува најголема бројка на настрадани бегалци во водите на Средоземното Море.