Beyza Binnur Dönmez
02 Февруари 2024•Ажурирај: 04 Февруари 2024
ЖЕНЕВА (АА) - Хуманитарната канцеларија на Обединетите нации (ОН) денес изрази стравување од можно проширување на тековната израелска воена офанзива кон Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, јавува Анадолу.
„Стравуваме дека тоа би можело да биде полошо за населението“, рече портпаролот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарна помош (OCHA), Јенс Лаерке, на брифинг во Женева, одговарајќи на прашањето на Анадолу.
Во Рафа моментално се наоѓа повеќе од половина од населението на Газа кое е раселено поради војната, а исто така е главната рута на хуманитарната помош за 2,2 милиони луѓе кои имаат акутни потреби.
„Историјата ни ја дава таа причина за загриженост“, рече Лаерке, додавајќи: „Без сомнение, стравуваме за раселените жители на Газа (во Рафа).“
Вчера, израелскиот министер за одбрана Јоав Галант на платформата Х објави дека израелските сили во Газа „ќе продолжат кон Рафа“.
„Бригадата Кан Јунис на организацијата Хамас е растурена, ќе ја завршиме мисијата таму и ќе продолжиме кон Рафа“, истакна Галант.
Израел уби над 27.000 луѓе во Појасот Газа како одговор на прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври, во кој загинати се 1.200 Израелци, а 240 Хамас зеде како заложници. Израелските напади во Газа предизвикаа масовно раселување и разорување, и создадоа услови за појава на глад.