Barış Gündoğan
22 Март 2018•Ажурирај: 23 Март 2018
АНКАРА (АА) - Во воздушните напади за време на операцијата „Маслинова гранка“, со која подрачјето на сирискиот град Африн е исчистено од терористи, уништен е и терористички камп во кој припадниците на ЈПГ/ПКК обучувале деца. АА дојде до снимките од уништениот камп кој се наоѓа во подрачјето на Хаџихасанли, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако е преземена контролата врз центарот на градот Африн, во регионот без престан се продолжува со чистење на мините и експлозивните направи што зад себе ги оставија терористите, за да можат цивилите да се вратат безбедно во своите домови.
Со какви методи се служеле терористите во Африн, може да се види и на снимките од терористичкиот камп што е користен за обука на деца, а кој е уништен за време на воздушните напади во операцијата „Маслинова гранка“.
Овој камп е откриен преку видеоснимките на мемориска картичка пронајдена кај неутрализираните терористи, а е утврдено дека се работи за терористички центар за обучување деца меѓу 13 и 17 години.
На снимките се гледа дека се работи за камп кој се наоѓа на поголем простор, и дека во него има соби за спиење, како и полигони за воена обука и гаѓање.
Терористичката организација во овие кампови ги носела децата кои насилно ги одвојувала од нивните семејства.