Diyar Güldoğan
04 Декември 2018•Ажурирај: 04 Декември 2018
КАРАКАС (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, за време на посетата на Венецуела, истакна дека Анкара и Каракас вложуваат значајни напори за зајакнување на соработката во сите области, јавува Anadolu Agency (AA).
„Постојат добри врски во поглед на пријателството и солидарноста меѓу нашите земји. Имаме силен потенцијал и во контекст на економските односи што ги имаме со Венецуела. Ќе вложуваме дополнителни напори да ја диверзифицираме и продлабочиме соработката со Венецуела на сите полиња од што ќе имаат корист нашите две земји“, истакна Ердоган во својот говор на Форумот Турција-Венецуела во Каракас, на кој присуствуваше и претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.
Истакна дека географската оддалеченост меѓу Турција и Венецуела не треба да се смета за пречка за зајакнувањето на билатералните врски и соработка.
Тој додаде дека трговската размена меѓу двете земји во првите девет месеци од 2018 година надминала една милијарда долари.
„Треба да го зголемиме извозот на Турција во Венецуела, и треба да ја направиме нашата трговија постабилна и поодржлива“, рече турскиот претседател во своето обраќање пред присутните.
Тој истакна дека турската економија се покажала силна и покрај, како што рече, одредени атакувања и притисоци.
Мадуро ги повика двете земји да ги зајакнат економските врски, да креираат додатна вредност и да ги зголемат взаемните инвестиции.
Турскиот претседател Ердоган допатува во посета на Венецуела во рамките на неговата турнеја низ Латинска Америка.