Muhyeddin Beyca
22 Август 2018•Ажурирај: 23 Август 2018
МЈАНМАР (АА) - Најголемиот муслимански празник Курбан бајрам го дочекаа и Рохинџа муслиманите во Аракан, но тешко може да се каже дека муслиманите во овој дел на светот Бајрам го дочекаа со радост, јавува Anadolu Agency (AA).
Муслиманите во араканскиот регион Сунгер Аунгмингалар, кој е во потполност под контрола на мјанмарските власти, во градот Ситве ја извршија молитвата Бајрам намаз во џамијата „Таџетин“, изградена во 1878 година.
По Бајрам намаз упатена е и молитва за сите муслимани од Аракан што се убиени или биле принудени да ги напуштат своите домови. Молитви, исто така, се упатени и за сите други муслимани што се изложени на насилство во светот.
Некои од верниците за време на молитвата плачеа. По молитвата верниците меѓусебно си го честитаа празникот.
Бајрамскиот празник на верниците им го честитаа и претставниците на Турската хуманитарна организација „Џансују“, која оваа година во Аракан организираше колење и делење курбан на тамошните муслимани.
Според официјалните податоци и извештаи на ОН, Рохинџа муслиманите се најзагрозено малцинство во светот. Рохинџа муслиманите немаат своја држава и нивните права значително се ограничени. Од 25 август 2017 година од Аракан во Бангладеш побегнаа повеќе од 700.000 лица. На сателитските снимки на меѓународните организации за заштита на човековите права можно е да се види како се уништени неколку стотици села.