Şerife Çetin
29 Април 2018•Ажурирај: 30 Април 2018
БРИСЕЛ (АА) - Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, истакна дека на глобалната сцена Европа ја губи моќта, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Европа ја губи моќта на глобалната сцена. Сметаме дека сме шефови на светот, но всушност забораваме дека сме само мало и слабо парче од универзумот“, изјави Јункер за холанскиот весник „Trouw“ (Троув), осврнувајќи се и на економијата на ЕУ, демографската состојба и односите со Русија.
Јункер нагласи дека е потребно Европа и Русија зад себе да ја остават реториката на Студената војна и да се фокусираат на тоа како повторно да ги воспостават односите.
„Путин ми е пријател, и иако денеска никој не се осмелува на Путин да му се обрати како пријателе, ние долги години сме пријатели“, рече Јункер.
Додавајќи дека Русија во регионот претставува многу повеќе од една моќна сила, Јункер додаде: „Мораме да се научиме кон Русите да се обраќаме како еднакви на нас“.
Јункер нагласи дека безбедноста на Европа не може да се изгради без Русите.
- „Како Европејци, сметаме дека сме шефови на светот“ -
За положбата на Европа во светот, Јункер ја даде следната констатација: „Европа ја губи својата моќ на глобалната сцена. Сметаме дека сме шефови на светот, но всушност забораваме дека сме само мало и слабо парче од универзумот“.
Јункер посочи на фактот дека економската моќ на Европа назадува и дека од демографски аспект ја губи својата моќ. „Како култура постоиме, но не сме доминантни. Затоа ги повикувам сите да бидат скромни и да го чујат остатокот од светот“, рече Јункер.
- „ЕУ не е унија на христијани“ -
Јункер даде објаснување и за идентитетот на Европската Унија (ЕУ). „Европската Унија не е унија на христијаните“, констатираше Јункер.
Тој истакна дека христијаните имаат голем удел во развојот на ЕУ, но идентификувањето на ЕУ како унија на христијани, не би претставувало одраз на реалната слика. „На нашата територија живеат и муслимани. Тие ќе продолжат да бидат дел од нашата земја, сè додека се однесуваат во согласност со нашите закони“, рече Јункер.