АНКАРА (АА) – АРИФЕ ЈИЛДИЗ УНАЛ – ЗЕЈНЕП ЏАНЛИ –
Со успешното лансирање на сателитот „Турксат 5А“, бројот на активни турски сателити во вселената ќе се искачи на седум, откако сателитот ќе се лоцира во орбитата за четири месеци. Турција е една од 30-те земји кои имаат сателити во вселената.
Според информациите на новинарот на Агенција Анадолија, Турција во орбитата моментално има шест активни сателити, од кои три за комуникација (Турксат 3А, Турксат 4А и Турксат 4Б) и три за набљудување (Ѓоктурк 1, Ѓоктурк 2 и Расат).
Првиот турски пробен комуникациски сателит „Турксат 1А“ во вселената беше лансиран на 24 јануари 1994 година, но поради дефект што се случи во ракетата на фрлачот, падна во океанот по 12 минути и 12 секунди по лансирањето.
Турција продолжи да инвестира во сателитската технологија и на 10 август 1994 година го лансира „Турксат 1Б“.
Сателитот „Турксат 5А“, чиишто производствени процеси и фази на тестирање се завршени од компанијата AIRBUS D&S, на 2 октомври минатата година беше предаден на официјалните лица на „Турксат“, откако претходно беше подготвен за лансирање.
По потпишаниот договор во 2017 година, производството на сателитот започна во постројките на АИРБУС во Тулуз, Франција. Потоа центарот за лансирање беше пренесен во Кејп Канаверал, во компанијата „Спејс икс“, американската сојузна држава Флорида.
Првиот сигнал од „Турксат 5А“ беше примен 35 минути по успешното лансирање со ракетата „Фалкон 9“ во 5:15 часот денеска.
„Турксат 5А“ има целосен електричен погонски систем, и откако ќе се извршат сите контроли во орбитата, ќе се смести на орбитален слот на 31 степен Исток.
„Турксат 5А“ по патувањето од четири месеци ќе се смести на орбитален слот од 31 степен Исток, а со тоа бројот на турските сателити во орбитата ќе се искачи на седум.
Контролата на сателитот ќе биде пренесена на копнената станица Ѓолбаши и ќе биде подложен на тестови околу еден месец.
Се планира „Турксат 5А“ да започне со работа во втората половина на 2021 година.
- Ќе обезбеди ТВ-радиодифузиски и услуги за комуникација -
„Турксат 5А“ ќе обезбеди ТВ-радиодифузија и услуги за комуникација во Турција, Европа, Блискиот Исток, Северна Африка, Централна и Западна Африка, Јужна Африка, Средоземното Море, Егејското Море и Црното Море.
Сателитот „Турксат 5А“ ќе овозможи Турција да биде една од водечките земји што ќе го користи Ку-опсегот. Исто така, со моќност од 12 киловати ќе обезбеди многу поквалитетен сервис за радиодифузија и комуникација.
- „Турксат 5Б“ се планира да биде лансиран во јуни -
Турција ги продолжува своите инвестиции во областа на сателитската технологија и планира сателитот „Турксат 5Б“, чие производство и тестови се завршени, да го лансира во јуни.
Со „Турксат 5Б“, кој ќе биде сместен на орбитален слот на 42 степени Исток, ќе се зголеми Ку-бенд капацитетот на земјата.
Со започнувањето на користење на „Турксат 5А“, а потоа и на „Турксат 5Б“, ќе се задржат правата на фреквенција на Турција, а исто така ќе се добијат нови права за новата генерација на комуникациски сателити.
Комуникацискиот сателит „Турксат 6А“, кој ќе се произведува во Центарот за интеграција и тестирање на вселенските системи (USET) во Турција, ќе биде лансиран во вселената во 2022 година.
Турција, со сателитите „Турксат“ во областа на комуникацијата ќе ја покрие цела Европа и Африка, западните и јужните делови на Азија, вклучувајќи ја и Индонезија (со исклучок на Русија и Кина).
- „Расат“, првиот сателит за набљудување дизајниран и произведен во Турција -
Сателитот за набљудување „Расат“ стана втор сателит за далечинско набљудување на компанијата „Тубитак Узај“ по „Билсат“. Првиот сателит за набљудување дизајниран и произведен во Турција, „Расат“, беше лансиран од Русија на 17 август 2011 година.
Иако векот на траење на сателитот „Расат“ е три години, заклучно со 17 август 2020 година, тој успешно ја заврши својата деветта година во орбитата.
Сателитот се наоѓа на надморска височина од 700 километри.
Во рамките на проектот, проширена е лабораторијата за монтажа на сателити, нејзината интеграција и тестирањето. Обучени се повеќе од 100 експерти за дизајн, производство и тестирање на сателити.
- Сателитот „Ѓоктурк-1“ -
Сателитот „Ѓоктурк-1“, кој ги задоволува потребите на Турските вооружени сили за разузнавачки информации, во вселената беше лансиран во 2016 година. Преку сателитот се следи животната средина и градежништвото, земјоделските приноси, потребите на општините, контролата на границата и катастарските активности.
Животниот век на сателитот со резолуција од 0,50 метри, дизајниран да реализира истражување каде било во светот без географски ограничувања, се предвидува да биде седум години.
- Прв сателит за извидување и набљудување со висока резолуција „Ѓоктурк-2“ -
„Ѓоктурк-2“, првиот сателит за извидување и набљудување со висока резолуција развиен првично во Турција, во орбитата беше лансиран во 2012 година.
Сателитот „Ѓоктурк-2“ е произведен во рамките на договорот потпишан од Министерството за национална одбрана, Претседателството на ТУБИТАК (Советот за научни и технолошки истражувања на Турција) и деловното партнерство ТУБИТАК и УЗАЈ – ТУСАШ.
Со сателитот се обезбедуваат дигитални и географски податоци за Турските вооружени сили, конкретно за Командата на воздухопловните сили. Покрај тоа, се исполнуваат и барањата за сателитски информации за други јавни институции/организации, универзитети и истражувачки центри.
Сателитот за набљудување има резолуција од 2,5 метри, се користи за потребите за одбраната, животната средина, урбанистичкото планирање, за земјоделството и шумарството.
Станува збор за сателит кој има брза комуникација со податоци; едно минување низ целиот свет го привршува за приближно 98 минути.
Во рамките на проектот „Ѓоктурк-2“ целта беше да се развие технологија за сателитски системи, стручна работна сила и инфраструктура за вселенски и сателитски системи.
Исто така, целта беше да се задоволат потребите за набљудување и истражување на јавните институции и организации со национални можности.
Во овој момент, се обучува стручна работна сила која ќе работи во идни сателитски проекти во рамките на ТУБИТАК и УЗАЈ – ТУСАШ и ТУСАШ. Меѓу другото, се стекнаа искуства во областите на дизајнирање на сателити и опрема, анализа, производство, монтажа, интеграција и тестирање.