Hatice Şenses Kurukız,Berk Özkan
08 Јануари 2021•Ажурирај: 08 Јануари 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека процесот кој се случува во Соединетите Американски Држави (САД), кои често се споменуваат како „колевка на демократијата“, го шокирал целото човештво, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган ги коментира нередите во Вашингтон кои се случија за време на упадот на приврзаниците на американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп, во Капитол.
Тој изјави дека САД се соочиле со ситуација која е невидена во нејзината историја.
„Овој процес кој се случува во Америка, која често се споменува како колевка на демократијата, го шокира целото човештво. И ние сме изненадени“, изјави Ердоган.
Тој напомена дека САД, како и американските медиуми, имале сосема поразличен став за време на обидот за пуч во Турција и протестите во паркот „Гези“.
„Сетете се какви изјави и какви закани се упатувани на турските политичари од страна на американските медиуми. Нашиот став за тоа беше јасен, меѓутоа, ставот на Америка беше доста поразличен. И тогаш беа главни демократи. Видовме дека демократите се исти како и републиканците. Видовме каква срамота претставуваат за демократијата“, истакна Ердоган.
Турскиот претседател изрази желба преносот на власта од Доналд Трамп на Џо Бајден да биде мирен и регуларен, како што и самиот Трамп рече во изјава.
Ердоган порача дека Америка со Бајден ќе постигне мир и додаде дека САД би требало да влезат во посебна ера кога станува збор за меѓународните односи.
Нередите во Вашингтон избија во средата вечерта кога приврзаниците на Трамп влегоа во зградата на Конгресот за да го спречат одржувањето на седницата на која се очекуваше потврдување на резултатите на ноемвриските претседателски избори на кои Трамп изгуби од демократскиот ривал Бајден.