Fatih Erel
06 Ноември 2017•Ажурирај: 07 Ноември 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Оваа година се очекува да биде една од трите најтопли регистрирани години по 2015 и 2016 година, предупреди денес Светската метеоролошка организација (WMO), јавува Anadolu Agency (AA).
Топлотните бранови, сушите, ураганите и поплавите може да бидат посилни како резултат на загревањето на планетата, соопшти организацијата.
„Постои мала веројатност дека 2017 година ќе биде потопла од 2016“, изјави Омар Бадор, научник од Светската метеоролошка организација, на денешната прес-конференција во Женева.
"Бидејќи немаме фактор како Ел Нињо кој може да ја зголеми температурата повеќе отколку што моментално ја набљудуваме. Значи, многу е веројатно дека 2017 година ќе биде или втора или трета по ред најтопла година“, додаде Бадор.
Минатата година беше најтоплата регистрирана година со просечна температура од 14,83 степени Целзиусови, а 2017 година се очекува да биде со просечна температура од 14,77 Целзиусови степени, додаде Бадор.
Глобалната просечна температура во 2016 година беше околу 1,1 степен повисока од прединдустриската ера. Таа изнесуваше приближно 0,83 степени Целзиусови над долгорочниот просек (14 степени Целзиусови) на Светската метеоролшка организација за референтниот период од 1960 до 1990 година, и околу 0,07 степени потопла од претходно регистрираната за 2015 година.
„Долгорочните индикатори на климатските промени, како што се зголемувањата на концентрациите на јаглероден диоксид, порастот на нивото на морето и киселоста на океаните, продолжуваат со несмалено темпо“.
„Покриеноста со мраз на морската вода на Арктикот останува под просекот, а претходната покриеност со мраз на на водите оклу Антарктикот беше на или близу рекордното ниско ниво“, се вели во соопштението на Светската метеоролошка организација.
Според податоците на организацијата, просечната глобална температура од јануари до септември 2017 година беше приближно 1.1C над онаа во пред-индустриската ера.
„Како резултат на Ел Нињо, 2016 година, најверојатно, ќе остане најтопла регистрирана година, со 2017 и 2015 година на второ или трето место. Периодот од 2013-2017 година е најтоплиот регистриран петгодишен период“, истакнуваат од Светската метеоролошка организација.
Генералниот секретар на организацијата, Петери Талас, рече: „Сведоци сме на невообичаени временски услови, вклучувајќи температури кои достигнуваат до 50° C во Азија, рекордни урагани со брз прогрес на Карибите и Атлантикот, па сѐ до Ирска; катастрофални монсунски поплави кои загрозија милиони луѓе и немилосрдни суши во Источна Африка“.
Во светот, 23,5 милиони луѓе беа раселени поради катастрофи поврзани со временските непогоди во 2016 година.
Делови од јужна Европа, Северна Африка, делови од источна и јужна Африка и азискиот дел на Русија доживеаја рекордни температури.